Необична практика во Јужна Кореја: Депонираат 50 до 70 проценти од вредноста на станот, за во него да живеат под кирија

98

Во Јужна Кореја може да се живее под кирија бесплатно, но тоа е привилегија само за оние кои ги имаат без малку сите пари за да го купат станот што го изнајмуваат.

Начинот за изнајмување станови наречен „ѓонсе“ е традиционален и функционира така што изнајмувачот на станот на газдата не му плаќа месечни рати, како што се прави секаде во светот, туку за да се всели му дава депозит во висина од најмалку 50 проценти од пазарната вредност на станот. Некои газди бараат и повеќе, 70 па и над 70 проценти ако се работи за луксузен стан. Тоа значи дека за живеење во изнајмен стан, на пример две години, кираџијата на газдата треба да му даде 150 до 250 илјади долари, зависно од локацијата и квалитетот на недвижноста.

Се поставува прашањето зошто некој би се согласил на нешто такво, ако за да се стане потстанар во Јужна Кореја се чини e исто толку тешко колку и да се стане сопственик на стан. Иако навидум во системот „ѓонсе“ нема никаква логика, на крајот сè се завршува според македонската народна „и волкот сит и овците на број“.

Овој систем во Јужна Кореја опстојува повеќе од едно столетие и традиционално важи за обострано корисен пристап во изнајмување на недвижности, пренесува РТС. Со парите што ги добива газдата има многу можности: од вложување на пазарот на капитал и берзански шпекулации, преку купување на поевтини недвижности, или земање кредит за нов стан во поголем град, проширување на бизнисот што го има и друго. Она што ги прави задоволни потстанарите е тоа што на крајот го добиваат назад целиот платен депозит, па излегува дека практично живееле во изнајмен стан без да плаќаат кирија. Газдата од платениот депозит смеат да ја одбијат само сумата еднаква на штетата што ја направиле кираџиите додека живееле во станот. Со тоа потстанарите имаат чувство дека парите некому му ги позајмиле, или дека ги ставиле во банка. Ова е особено популарно кај младите, на кои системот „ѓонсе“ им е како отскочна даска за да се одвојат од родителите. Едноставно, животот во изнајмен стан без никакви трошоци им овозможува да заштедат за да си купат свој стан.

Денеска во Република Кореја на „ѓонсе“ отпаѓаат околу половина од изнајмените станови. Останатите, како и во другите земји се издаваат на неповратни месечни рати.

Сепак, овој систем има и друга страна. Бара голема чесност од газдата. Може да се случи тој да не сака или да не е во можност да го врати депозитот, ако не можел да ги оплоди парите од депозитот како што планирал. Едноставно, системот „ѓонсе“ е многу ранлив во врска со измами, економска криза, инфлација и падови на пазарот на недвижности и капитал.

Според историчарите корените на овој систем се во урбанизацијата на почетокот на 20 век, кога за време на јапонската окупација имало голем прилив на војници и Јапонци на Корејскиот Полуостров. Повторно добил на популарност во 60-тите и 70-тите години, на минатиот век, за време на планската индустријализација на Јужна Кореја, кога банкарските камати достигнувале 20 проценти и речиси било невозможно да се купи стан на кредит.