Една од најслушаните и најомилените поп-пејачки на овие балкански естрадни простори, српската ѕвезда Јелена Томашевиќ (сопруга на актерот Иван Босиљчиќ), ќе пее за нашата публика, и тоа замислите на самиот ден 8 Март, во Македонската опера и балет. Малку необично, но одлично е ваквиот музички подарок да биде од жена за сите нежни жени, нејзини обожавателки. Сепак, и штом е така, сè ќе биде од срце, искрено, без трошка умилкување, преку добра песна и уште подобра интерпретација на Јелена, ветуваат организаторите.
Концертот е ретроспектива на нејзиниот богат музички репертоар, со добро познатите песни во нови, современи аранжмани. Јелена ќе пее, се разбира, во живо, придружувана од професионални музичари. Кога е модата во прашање, секако дека ќе има што да се види кај нагалено наречената Јеца Јелена, на сцената. Секогаш е топ-средена, со исклучителен спој на елеганцијата, која е последен крик на светската мода.
Би било убаво да бидете на концертот на кој заеднички ќе се слават празникот, жената како жена, мајка, сопруга, хероина… Ќе се слават музиката и самиот живот! Така што нема да изостанат ни хитовите: „Океани“, „Радио свира за нас“, „Кошава“, евровизиската „Оро“, потоа „Име моје“, но и нејзината обработка на песната од „Бијело дугме“, „Битанга и принцеза“. Ќе пее и неколку македонски песни, кои ѝ се многу драги на Јелена Томашевиќ-Босиљчиќ. Д. М.