Една од необичните традиции во Шпанија е благословувањето на животните, кога свештениците ширум земјата, од Мадрид до Мајорка, ги посипуваат миленичињата со света вода на Денот на Свети Антониј.
Антониј бил египетски христијанин роден во 3 век од нашата ера. На почетокот бил познат како заштитник на свињите, бидејќи во средниот век Антонијците, монаси што го почитувале, одгледувале свињи за да ги нахранат сиромашните и за да прават лековити масти.
На крајот, станал познат како светец заштитник на сите домашни миленици, бидејќи легендата вели дека научил да комуницира со животните додека бил сам во пустина, пренесува РТС.
Во Шпанија, вообичаено е сопствениците на домашни миленици во земјата да го слават празникот на овој светител така што ги носат своите крзнени пријатели или миленичиња во локалната црква на благослов од надбискупот или од свештеникот за да бидат заштитени во наредната година.
Луѓето понекогаш чекаат во ред со часови за да им го посипат животното со осветена вода од свештеникот.
Во Мадрид, црквата „Кале Корталеза“ во центарот на градот собира најмногу луѓе за оваа пригода. По бројот на посети, следува катедралата „Вуелтас де Сан Антон“. На тој ден, забележливо е зголемено присуство на домашните миленици, кои парадираат по улиците околу катедралите во земјата. Не се само мачките и кучињата тие што го добиваат светиот третман. Гуски, понија, коњи, овци, творови, зајаци. Сите се добредојдени.
Памплона, Сарагоса, Мадрид, Валенсија, Малага и многу други шпански градови имаат слични ритуали, а многу од нив вклучуваат делење мали багети на сопствениците на домашни миленици. Во некои други делови на Шпанија, благословот на животните се совпаѓа со несуштинските прослави.
Во Мајорка, на пример, луѓе облечени како демони шетаат по улиците и палат огномет. Во Сиудад Реал во централна Шпанија се пали огромен оган во знак на почит кон миленичињата што починале неодамна.
Шпанија е меѓу земјите што бележат најмал број случаи на напуштање миленичиња во Европа. Во земјата има повеќе кучиња отколку деца на возраст под 14 години (9,2 милиони во споредба со 6,6 милиони), според бројките на Националната агенција за статистика за 2023 година. Дури 5,9 милиони мачки биле регистрирани како домашни миленици во 2022 година.