Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да не се промени висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава, односно таа да се задржи на 1,75% од активата пондерирана според ризиците. За изложеностите кон други земји ќе се применува стапката пропишана од националниот макропрудентен орган.
– Со најновите квартални пресметки, вредноста на основниот показател не укажува на знаци на прегревање на кредитниот циклус. Сепак, кредитирањето на претпријатијата и населението забрзува, и тоа поизразено кај корпоративниот сектор. Цените на становите забележуваат променлива динамика, со раст во просек од околу 10%. Банкарскиот систем, според сите показатели, и натаму е стабилен со стабилна и добра солвентност и ликвидност, солидна профитабилност и ниска стапка на нефункционални кредити, а остварувањето на кредитните загуби во кредитното портфолио е ограничено. Од друга страна, ризиците од окружувањето стануваат поизразени, особено геополитичките ризици коишто предизвикуваат и нагорни ризици за инфлацијата. Во услови на поизразени ризици, монетарната политика и понатаму се води на претпазлив начин – велат од Народната банка.
Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот Народната банка во неколку наврати ја зголеми, со што во домашниот банкарски се обезбеди солиден износ на дополнителен капитал врз оваа основа, зајакнувајќи ја на тој начин отпорноста на банките.