Животните во ЗОО паркот „Бриони“ во Штип имаат обезбедено соодветни услови за зимските ниски температури.
Во нивните живеалишта има послано слама, вклучен е и клима-уред доколку е потребно, а добиваат и пообилна и покалорична храна.
Раководителот на ЗОО паркот во Штип, Драган Стефановски, вели дека на овој начин се грижат за да ги надминат екстремно ниските температури. Тој изјави дека поголем дел од животните се навикнати и прилагодени на ниски дневни и вечерни температури, па нивните живеалишта се послани и со повеќе слама. На тој начин се создава дополнителна топлина и можност соодветно да преживеат на ниски температури.
– Живеалиштата ги полниме со слама за да можат животните да преживеат во зимски услови, храната им е со зголемен обем и покалорична. Просториите на животните кои имаат потреба од загревање се затоплуваат – објаснува Стефановски.
За разлика од најголем дел од животните во ЗОО паркот во Штип, мајмуните се греат на клима. Тие се меѓу ретките кои не се прилагодени на екстремно ниските температури и затоа потребно е за нив дополнително затоплување. Истовремено, се носи покалорична храна како пченка, концентрат и слично.