Нема терапија за дел од пациентите на онкологија

Од Клиниката велат недостатокот е поради административни процедури и зголемување на бројот на пациенти

56

Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија, дел од пациентите во моментов немаат пристап до лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“, а за брзо време може да ги смена и лековите „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.

– Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.

Пациентката  нагласи дека како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.

– Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа, изјави Марјановиќ .

Новинаската агенција се обрати и до Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.

– Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови, одговорија од Клиниката.

Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.

– Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман, се наведува во одговорот на Клиниката.

 

ИЗДВОЕНИ