Нема средби – Македонија и Бугарија посебно ќе го чествуваат Делчев

Се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер

134
Од Владата изјавија дека годинава нема да има заедничко чествување на Гоце Делчев со официјални претставници на Бугарија. Новиот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека заедничко чествување нема да има, бидејќи не добиле покана за такво нешто. Според него, доколку нема исполнување на преземените обврски од македонска стана, ЕУ нема како да го продолжи пристапниот процес на нашата земја.

 

Со полагање на букети цвеќиња во Скопје и во други македонски градови, утре ќе се одржи чествувањето на 153-годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер и апостолот на македонската борба за слобода, Гоце Делчев. Централното одбележување ќе се случи пред гробот на Делчев, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се очекува присуството на државните раководители, претставници на партиите, граѓански здруженија… Во име на Владата почитта кон Делчев ќе ја одаде премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владината делегација. Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до затворањето на весникот не соопштија каде таа ќе ја искаже почитта кон македонскиот револуционер, а медиумите објавија информации дека таа денеска ќе престојува во Штип на заеднички активности на универзитетот „Гоце Делчев“. Но, во најавата за утрешното одбележување од страна на штипскиот Универзитет не беше најавено учеството  на македонската претседателка.

Од Владата изјавија дека годинава нема да има заедничко чествување на Гоце Делчев со официјални претставници на Бугарија.

-Официјално заедничко чествување не е предвидено. Премиерот Христијан Мицкоски ќе ја предводи владината делегација, ќе оддаде почит и ќе се поклони на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје – соопштија неодамна за ВЕЧЕР.

Од друга страна, новиот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев потврди дека во Скопје нема да има заедничко чествување.

-Ако прашањето е зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од РСМ заедно да го чествуваме тој ден. Историјата треба да обединува а не да разделува – изјави Георгиев за БТВ.

Бугарското МНР соопшти дека годишнината ќе биде одбележана од бугарската амбасада во Скопје, Генералниот конзулат во Битола и од локални Бугари.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, а во текот на својата младост, како член на Централниот комитет на ТМОРО, работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО беше наречен апостол на револуцијата, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер, а саркофагот со неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Инаку, претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски решија да не ја прифатат поканата да присуствуваат на утрешниот музички концерт во чест на Делчев што ќе се одржи во Софија. Поканата, според организаторот, ја одбиле и министрите Владимир Мисајловски, Весна Јаневска, Орхан Муртезани… По ова учеството на концертот, чиј покровител е бугарскиот претседател Румен Радев, го откажаа и уметничките поетесата Валентина Божиновска и оперската пеачка Илина Митревска. Ова значи дека и годинава нема да има заедничко македонско-бугарско чествување на Делчев, и покрај сите пораки од двете страни дека се подготвени за средби и контакти. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски неодамна изјави дека е подготвен да иницира средба со новиот бугарски премиер Росен Желјасков со цел да се деблокираат нашиот пат кон членството во ЕУ. Познато е, процесот е блокиран со бугарските барања за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав, но и други услови внесени во преговарачката рамка. Наспроти ова, македонската страна бара одложена примена на промената на Уставот до крајот на нашите преговори.

– Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, ние сме колеги, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба. Да видиме во ова опкружување дали можеме да ги надминеме нашите разлики во однос на тоа како гледаме на патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ и како тие го гледаат – изјави неодамна Мицкоски.

Според бугарскиот министер Георгиев ако таква средба биде протоколарно побарана таа ќе биде „разгледана низ призмата на нејзината сериозност“.

-Во моментов односите меѓу Софија и Скопје се специфични. Јас се надевам дека сме постигнале степен на зрелост од кој можеме да осознаеме дека добрососедските односи не се желба, туку дека тоа е влог за иднината и просперитетот на целиот регион – рече тој.

Одговарајќи на прашањето дали Бугарија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на РСМ.

-Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот „француски предлог“, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ – кажа бугарскиот шеф на дипломатијата. (Б.Ѓ.)

На концертот во Софија ќе настапи македонската оперска уметничка Тамара Ангеловска

По откажувањето на учеството на Валентина Божиновска и на Илина Митревска од Скопје, организаторот на концертот Фондацијата „Гоце Делчев“ информира дека на концертот од Македонија ќе настапи оперската уметничка Тамара Ангеловска. Таа своите почетоците со музиката ги направи во Македонија, каде што заврши нижото и вишо музичко училиште како флејтист, а во исто време се занимаваше со пеење. Образованието го продолжи на студии на Новиот Бугарски универзитет како оперска певица, мастер на актерска глума и драмски уметности. Најавено е и присуството на Владо Бучковски, поранешен македонски премиер.

 

ИЗДВОЕНИ