Нема причина за вознемиреност, такси-превозот нема да поскапи!

73

Претседателот на Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, вели за весникот ВЕЧЕР дека тие немаат поднесено никакво барање за зголемување на цената на такси-превозот. Тој смета дека засега нема услови за воведување на цената од третата тарифа (старт 60 денари, 35 денари за изминат километар и 480 денари за еден час чекање во место), бидејќи цената на горивото не дозволува да се вози по неа и е далеку под цената во периодот кога барале зголемување на цените. А, за да се бара повисока цена од третата тарифа, нагласува Рајчановски, треба да се изјаснат најголем број од таксистите во Скопје

 

Скопјани се вознемирија откако во јавноста се прошири информацијата дека скопските таксисти бараат зголемување на цената на такси-превозот, и тоа со предлог стартната цена да биде 60 денари, а за изминат километар да се наплатува 35 денари. Предлог е и тарифата за чекање да биде 480 денари за час. Сметаат дека ова ќе претставува дополнителен товар за нив, ако се земе предвид дека јавниот автобуски превоз во моментов е во хаотична состојба, и за да не задоцнат на работа откако не им дошол автобусот што го чекале, алтернативата ја гледаат во такси-превозот.

Според информацијата што се појави, таксистите го темелат ова барање на зголемените трошоци за гориво, резервни делови и за одржување.

Претседателот на Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, вели за весникот ВЕЧЕР дека тие немаат поднесено никакво барање за зголемување на цената на такси-превозот.

– Ова нема никаква логика и е смешно. Доколку сака некоја такси-компанија да вози по зголемена цена, може да вози по третата тарифа, која е 60 денари за старт, 35 денари за изминат километар и 480 денари чекање во место, за еден час. Најголемиот дел од такси-превозниците сега возат по втората тарифа, која е 50 денари за старт и 30 денари од изминат километар, како и 420 денари чекање во место, за час. Советот на Град Скопје усвои три тарифи. Го направивме тоа за да нема проблеми во иднина и како долгорочно решение – дециден е Рајчановски.

Тој смета дека засега нема услови за воведување на таа цена, бидејќи цената на горивото не дозволува да се вози по цена од третата тарифа и е далеку под цената во периодот кога барале зголемување на цените. А, за да се бара повисока цена од третата тарифа, нагласува Рајчановски, треба да се изјаснат најголем број од таксистите во Скопје.

Барање за зголемување на цената на такси-превозот не пристигнало ниту до градските советници. Советникот Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за весникот ВЕЧЕР, рече дека не пристигнало такво нешто за да може да коментира. Сличен одговор даде и координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.

– До мене, а и до другите советници, не е стигнато такво барање. Затоа не би можела да коментирам – истакна Јанчева.

Советот на Град Скопје, на 25 јули 2022 година, ги усвои трите тарифи што ги определи Советот за сообраќај на Град Скопје, и тоа зависно од цената на горивото.

Првата тарифа е со стартна цена од 40 денари, 25 денари од километар, за гориво до 75 денари за литар и чекање во место за еден час – 300 денари; втората е со стартна цена од 50 денари, 30 денари од километар, за гориво од 75,50 до 119,50 денари и чекање во место за еден час – 420 денари. Додека третата тарифа е со стартна цена од 60 денари, 35 денари од километар, за гориво над 120 денари и чекање во место за еден час – 480 денари.

Причината за воведување на овие тарифи беше зголемувањето на цената на горивата.

 (А.П.)