Нема превработеност во администрацијата, вработените си ја вршат работата и заслужуваат повисоки плати

Во државната администрација нема превработеност, туку, напротив, има недостиг на работници. Во јавната администрација сите вработени си ја вршат својата работа и заслужуваат повисоки плати – изјави за весникот ВЕЧЕР Бојан Трипуноски од Синдикатот на УПОЗ. Сепак, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, смета дека и покрај тоа што се мали платите во администрацијата, барањето за 30 отсто зголемување е многу и нема толку пари во буџетот. Од Синдикатот на УПОЗ очекуваат средба со претставници од Владата в среда, на која ќе разговараат за Законот за административните службеници и за Законот за вработените во јавниот сектор, и ќе достават забелешки од секој сектор.

637

Во државната администрација недостигаат луѓе и нема превработеност. Тие што работат си ја вршат својата работа и заслужуваат повисоки плати, изјавија за весникот ВЕЧЕР од Синдикатот на УПОЗ. Оттаму информираат дека од денеска на штрајк излегуваат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика. Исто така, продолжува и протестот во државното правобранителство, а главното барње е зголемување на платите за 30 отсто.

Сепак, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, смета дека и покрај тоа што се мали платите во администрацијата, барањето за 30 отсто зголемување е многу и нема толку пари во буџетот.

– Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции: еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно – рече Минчев.

На прашањето дали ќе им се одговори на барањата на вработените со зголемување, одговори дека тоа ќе биде доколку се најдат средства што ги обезбедува Министерството за финансии, нагласувајќи дека е потребно време затоа што затекле „огромни дупки во буџетот“ и, како што рече, „не може прекуноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.

Тој смета дека со новите законски решенија треба да се реформира администрацијата во која, како што рече, само 30-40 проценти од вработените си ја работат работата, има одреден дел што воопшто не работат, во некои институции има дефицит од кадар, а некаде, пак, превработеност.

Од Синдикатот на УПОЗ не се согласуваат со ова и сметаат дека во јавната администрација нема превработеност и оти недостигаат луѓе. Сметаат дека вработените си ја вршат својата работа и заслужуваат повисоки плати.

– Во државната администрација нема превработеност, туку, напротив, има недостиг на работници. Можеби има превработеност, но тоа е во одредени дејности во јавниот сектор, но не во јавната администрација, поради тоа треба да се прави разлика. Во јавната администрација сите вработени си ја вршат својата работа и заслужуваат повисоки плати – изјави за весникот ВЕЧЕР Бојан Трипуноски од Синдикатот на УПОЗ.

Од Синдикатот на УПОЗ очекуваат средба со претставници од Владата в среда, на која ќе разговараат за Законот за административните службеници и за Законот за вработените во јавниот сектор, и ќе достават забелешки од секој сектор. Акцентот ќе биде ставен на зголемување на платите на административците, што е во согласност со Општиот колективен договор во јавниот сектор.

– Синдикатот на УПОЗ ќе ги заштити сите членови доколку дојде до кратење на бројот на вработени во јавната администрација. Ние уште еднаш ќе поврториме дека во администрацијата недостигаат луѓе, бидејќи си заминаа многу вработени поради ниските плати – појасни Трипуноски.

Од Министерството за јавна администрација информираат дека до 27 јануари, на ЕНЕР завршува 30-дневниот рок за јавна расправа за четирите предлог-закони за реформи во јавната администрација: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор. По добиените забелешки на ЕНЕР, работната група од Министерството ќе ги креира конечните решенија, кои ќе бидат проследени на седница на Владата, а потоа и во собраниска процедура.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ