„Нема прекин на огнот, неточни се информациите“ – Нетанјаху воопшто не одговорил на американско-француски предлог

30
EPA-EFE/STR

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска, неколку часа откако некои израелски медиуми објавија дека властите околу пладне очекуваат прекин на огнот во Либан, соопштија дека овие тврдења се неточни.

„Веста за примирјето не е точна. Станува збор за американско-француски предлог, на кој премиерот ниту одговори. Веста за наводната наредба за намалување на борбите на северот е, исто така, спротивна на вистината“, изјави Нетанјаху, објави неговиот кабинет како одговор на предлогот на 12 меѓународни сојузници кои се залагаа за договор за прекин на огнот.

Обединетото Кралство им се придружи на САД, Франција и низа сојузници во повикот за итен привремен прекин на огнот во Либан, предупредувајќи дека ескалацијата на насилството меѓу Израел и Хезболах е „неподнослива“.

Во заедничката изјава, 12-члениот блок повикува на 21-дневен прекин на огнот „за да се обезбеди простор за дипломатија во насока на постигнување дипломатско решение“, како и прекин на огнот во Газа.

„Премиерот им нареди на IDF (израелските одбранбени сили) да продолжат да се борат со полна сила и во согласност со плановите што му беа презентирани. Исто така, борбите во Газа ќе продолжат се додека не се постигнат сите воени цели“, додава кабинетот на Нетанјаху.

Израелската армија во соопштението од четвртокот истакна дека продолжува со нападите врз цели на Хезболах во Либан, но не даде дополнителни детали.