Со одлуката изгласана од 11 членови на Комисијата се спречува зголемувањето на платите коешто би било предизвикано со примената на досегашните коефициенти. Платата на македонските функционери се определува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место. Ако не се донесеа овие измени за намалување на коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемеа во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции
Македонските функционери во февруари нема да добијат зголемени плати откако собраниската Комисија за избори и именување вчера ја изгласа Одлуката за намалување на коефициентите за утврдување на нивните плати. Со одлуката изгласана од 11 членови на Комисијата се спречува зголемувањето на платите коешто би било предизвикано со примената на досегашните коефициенти. Платата на македонските функционери се определува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место.
Така, според одлуката, коефициентот на платата на претседателот на државата, на претседателот на Собранието и на премиерот е намален од 3,92 на 3,47. Потпретседателите на Собранието, претседателот на Уставниот суд, главен државен ревизор и директор на Оперативно – техничката агенција отсега ќе имаат коефициент 3,08 за разлика од поранешниот 3,48. Во актот е наведено дека претседателите на собраниските комисии, координаторите на пратеничките групи, претседател на Националниот совет за евроинтеграции – 2,85 наспроти поранешните 3,22.
На пратениците, пак, новоутврдениот коефициент е 2,69 за разлика од поранешниот 3,04. Платата на министрите во Владата, пак, ќе се множи со коефициентот 2,85 за разлика од поранешниот 3,22. Истиот коефициент ќе се применува и за судии во Уставниот суд, Народен правобранител, а коефициентот за претседател на Државната изборна комисија ќе биде 2,69.
-Коефициентите од оваа одлука ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2025 година – се наведува во Одлуката.
Согласно последните податоци на ДЗС, во ноември нето-платата во Македонија изнесувала 41.999 денари. Претходно, во октомври просечната плата по вработен достигнала 42.134 денари.
-Ги намаливме коефициентите за да нема зголемување на функционерските плати бидејќи имаше зголемување на просечната плата во државата – изјави за весникот ВЕЧЕР претседател на собраниската Комисија за избори и именувања Ѓорѓија Сајкоски.
Доколку не се донесеа овие измени за намалување на коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемеа во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции.
Претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ во февруари минатата година со измени на 6 закони го зауздаа растот на месечните примања на носителите на јавни функции. Претходно, на 21 март 2023 година Уставниот суд ја укина двојната основица со која дотогаш се правеа пресметките, односно, ја укина фиксната основица која беше утврдена на сума од 26.700 денари, со образложение дека е неуставно да постојат две основици. Со оваа функционерските плати почнаа да се пресметуваат врз основа на просечната плата, што предизвика нивно зголемување од 78 отсто.
Таквото зголемување на платите на функционерите предизвика огромно незадоволство кај граѓаните, работниците и синдикалните организации кои организираа повеќе протести.
Премиерот Христијан Мицкоски лани најави дека платите на функционерите нема да се зголемат од јануари следната година.
За да се реши прашањето со платите треба да се донесе нов закон за систем на платите во јавниот сектор, но засега нема најави. Претставници на претходната власт изјавуваа дека се работи за сложен системски закон за чие изготвување е потребна цела година. (Б.Ѓ.)