Првите исплати од Европскиот план за раст нема да бидат извршени во првиот дел од оваа година, туку се очекуваат меѓу вториот и третиот квартал на 2025 година, откако ќе се исполнат соодветните услови. Според објаснувањето на Прес-службата на Европската комисија (ЕК), плаќањата нема да се вршат пред средината на оваа година.
– Европската комисија сега ги финализира процедуралните чекори, кои треба да овозможат ослободување на предфинансирањето што е можно поскоро во 2025 година. Првите редовни исплати се очекуваат меѓу вториот и третиот квартал на 2025 година, откако ќе се исполнат соодветните услови – велат од ЕК.
Доброупатени за РСЕ велат дека проблемот е во земјите од регионот што треба да постигнат договор за заем со ЕУ, бидејќи едни финансиски средства се во форма на заеми, а други во форма на грантови. А, таквите договори имаат карактер на меѓународни договори и затоа мора да бидат ратификувани од парламентите на тие земји. Од Европската комисија нема прецизно објаснување во која фаза е секоја земја од регионот во однос на обврските неопходни за започнување на плаќањата.
Од ЕК посочуваат дека за да започнат реформите, земјите може да побараат до 7 отсто од предфинансирањето од вкупниот износ предвиден со овој инструмент (од првичниот индикативен износ на финансирање што е достапен за секој корисник). Ова го побараа сите пет корисници со одобрени реформски агенди (освен Босна и Херцеговина, која сѐ уште не доставила).