Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека е нереално да се очекува повлекување на Русија од териториите што ги окупираше во Украина, како и влез на Киев во НАТО.
– Да ги тргнеме розовите очила и да бидеме малку реални. Во оваа ситуација, нереално е да се очекува дека Русија ќе се повлече од териториите што моментално ги контролира. Во исто време, невозможно е да се очекува дека Украина ќе стане членка на НАТО. Ова не е мислење само на словачката Влада, тоа е невозможна ситуација – рече Фицо на прес-конференцијата по средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Како што истакна, „праведен мир бара решение што може да биде прифатено од двете страни“.
– Тоа е примарен услов. Истовремено, треба да се земат предвид и причините за таа војна. За ова јасно проговори новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Тој ја обвини и претходната администрација дека ја провоцира Русија – истакна Фицо.
Тој, исто така, истакна дека големите земји треба да вложат напори за решавање на украинскиот конфликт.
– Единствено што можеме да направиме е да ги замолиме, охрабриме и бараме големите играчи, а Турција е голем играч, да вложат максимални напори за почеток на мировните преговори – рече Фицо.
Според него, преговорите за Украина на највисоко ниво треба да се водат во земја која е неутрална по прашањето на конфликтот. Фицо нагласи дека Словачка нема амбиции да организира самит за Украина на највисоко ниво, туку дека е заинтересирана да организира мировни настани на пониско ниво.
Ердоган од своја страна рече дека е неопходно што поскоро да се реши украинскиот конфликт и да се постигне праведен мир.
Тој исто така рече дека се надева дека оваа недела ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за испораката на гас во Словачка.
– Бидејќи Украина ја прекина испораката на гас за Словачка, реков „конечно да ги задоволиме потребите на Словачка за гас со склучување договор со Русија“. Со Божја помош ќе го направиме тој чекор. Добив одобрение од премиерот на Словачка. Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Јас, пак, оваа недела ќе разговарам со господинот Путин за да го решиме прашањето – рече турскиот лидер.