Наследивме девастирано и комплетно дегенерирано здравство и нормално е дека е невозможно со магично стапче за 7 до 8 месеци од македонско здравство да направите норвешко или шведско здравство, изјави министерот Арбен Таравари.
Во изминатите месеци, како што вели, прават сѐ според можностите да се подобрат состојбите, спомнувајќи дека е потпишан колективниот договор со медицинскиот кадар и медицинскиот персонал.
-Покачени се платите на докторите за 5 отсто минатата година, од 1 ноември, и во март треба уште 5 отсто повторно, додека за медицинските сестри е покачена до 17 отсто платата. Ова е една од работите што е направена, рече Таравари.
За најавеното вработување на 600 приватни специјализанти, вели дека болниците може набргу сами да објават конкурси и да ги вработат. Соопшти дека 300 ќе бидат вработени до крајот на март, 300 други до крајот на декември 2025.
-Имено 1200, односно 1180 средномедицински кадар, генерално, коишто беа договорци по пет, 10 и повеќе години, исто така, до крајот на март, треба на сите овие да им се даде решение во здравствените установи. Меѓутоа, чекаме заедно со специјализантите и овие да бидат третирани, посочи министерот во интервјуто.
Наскоро тој очекува ГОБ „8 Септември“ да стане регионална болница и дека интензивно се работи на подготвување на целата документација. Како што рече, не само „8 Септември“, регионални болници ќе станат и клиничките болници во Тетово, Штип и во Битола.
-Идејата е и „8 Септември“ да се дисперзира и идејата е цела Онкологија да функционира слично на Трансфузиологија. Значи, институтот, односно Клиниката за онкологија и радиотерапија да биде одговорна за сите центри, и во „8 Септември“, и во Битола, и во Штип, и во Тетово. Така би функционирало најдобро, под ист чадор да се сите, како што функционира и Трансфузиологија одамна во Македонија. Ваквата организираност на Клиниката за онкологија со филијали во овие градови би било најфункционално. Ќе видиме, времето ќе покаже дали ќе функционират или нема да функционираат, изјави Таравари.
Во интервјуто за РСЕ министерот за здравство одговара и на прашања за наталожените долгови на болниците и за нивната рационализација. Во врска со долговите смета дека треба да се најде решение, а едно од можните решенија, вели, „можеби и кога ќе ја направиме Стратегијата да размислиме да почнеме од почеток“.
Во однос нa потребата од рационализирање на болниците, Таравари одговори дека „имаме луксузно здравство во моментот“ затоа што во два блиски града работат болници што даваат исти услуги за пациентите.
– Невозможно е во Струга и во Охрид, кои што се седум километри еден од друг, овие два града да имаме седум болници. Невозможно е Тетово и Гостивар, коишто се 25 километри, односно 20 минути патување со кола или 30 минути, да имаат две огромни болници во кои ќе се третираат и педијатрија, и ортопедија, и хирургија, и гинекологија. И вакви повеќе болници низ државата, во градови, коишто се на 20-30 км, а имаат две огромни болници. Ние мора долгорочно да размислуваме, додава Таравари.