Живееме во земјоделска држава, а нема кој да ни ги работи нивите. Ако сакаме да го зголемиме производството на храна мораме да се фатиме за мотика, велат експертите. Во Македонија се произведува многу помалку храна од она што и е потребно. Статистиката покажува дека во последните 10 години сме платиле над 7 и пол милијарди евра само на увозна храна. Земјоделските експерти велат дека лошите политики и малата заработувачка ги бркаат младите од селата, а ги демотивира старите кои сè почесто се откажуваат од земјоделството.
Според претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев, последните години земјоделството тоне. Поради климатски промени и зголемување на трошоците за производство е неисплатливо да се работи и затоа младите бегаат од нивите.
– Младите не сакаат да се занимаваат со земјоделство бидејќи нема заработувачка. Поради тоа имаме стагнација и уназадување на земјоделското производство, а самото тоа значи и нерентабилност во оваа стопанска гранка. Младите губат надеж и не гледаат перспектива во оваа гранка. Со тоа, излезот го бараат надвор од државата. За парадоксот да биде уште поголем, истите тие млади во странство ја работат истата или слична работа, само што таму работат на туѓи површини, а не на сопствени. Со тоа, остваруваат некоја економска заработка, која секако е многу подобра од овде, вели Каракашев.
Тој е на став дека неколку мерки треба да се преземат за да се привлече интересот кај младите за земјоделство.
-За да се привлечат младите треба да бидат сигурни дека она што ќе го произведат ќе им биде откупено и наплатено. Луѓето треба да сфатат дека оваа гранка има перспектива и се повеќе ќе имаат потреба од храна која станува се поскапа, смета тој.
Според него, еден вложен денар во земјоделието, се враќа еднаш до два пати, па ако се вложи една милијарда за производство на храна, најмалку уште толку ќе се врати за државата преку производство.
– За да се мотивираат младите и за да се зголеми производството, државата мора да донесе законско решение со кое ќе се забрани да се продаваат производите под производната цена и плус 30 отсто добивка за производителот. Се доведовме во ваква ситуација поради тоа што не го ценевме трудот на земјоделците, изјави за ВЕЧЕР, Илија Каров, земјоделски експерт и универзитетски професор.
Тој смета дека на производите што се увезуваат треба да им се стават повисоки увозни давачки, со тоа што трговците нема да имаат сметка да ги увезуваат и да ги продаваат на домашниот пазар.
Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица, вели дека една третина од Струмичкото Поле е празно и необработено, додека во селата нема млади, а по нивите останале само повозрасните.
– Некогаш се произведуваа секакви работи, а сега нивите се претворија во депонии. Но, ако може да се постигне тоа да порасне откупната цена на земјоделските производи, јас мислам дека голем дел од луѓето ќе се вратат на нивите, вклучувајќи ги и младите. Наместо да ја напуштаат татковината и фамилијата со цел да аргатуваат и да слугуваат надвор од државата, нашиот земјоделец ќе си се врати дома и ќе живее од земјоделството, вели Велков.
Според статистичките податоци, просечната старост на земјоделците е над 50 години, од кои две третини се мажи, а жените сочинуваат само една третина од земјоделската работна сила.
Бројот на регистрирани земјоделци во Македонија изнесува околу 65.000, што е значително намалување во споредба со земјоделците од пред десетина години, кога биле 90.000.
(А.С.)