– Лиценцата ни е одземена поради тоа што, согласно со Правилникот за начинот, обемот, нормативите и стандардите за давање социјални услуги во дневен престој, просториите каде што сме сместени не ги исполнувале условите за извршување на дејноста социјална, психолошка, педагошка и друг вид помош и заштита на децата од улица, која Центарот ја спроведува веќе 19 години – изјави Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар. Сепак, таа вели дека нема да се предадат и ќе се обидат повторно да ја обноват лиценцата за работа со доставување на целокупната документација, согласно со барањата од Министерството за социјална политика, демографија и млади
Дневниот центар за децата на улица во Шуто Оризари, освен тоа што годинава не доби финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади и се соочува со ставање клуч на врата, остана и без дозволата за работа, односно лиценцата за извршување на дејноста, за што добил и решение. Ова за весникот ВЕЧЕР го обелодени координаторката на Дневниот центар, Ирена Велкоска.
– Лиценцата ни е одземена поради тоа што, согласно со Правилникот за начинот, обемот, нормативите и стандардите за давање социјални услуги во дневен престој, просториите каде што сме сместени не ги исполнувале условите за извршување на дејноста социјална, психолошка, педагошка и друг вид помош и заштита на децата од улица, која Центарот ја спроведува веќе 19 години – изјави Велкоска.
Во моментов, во Центарот услуги добиваат 24 деца, кои се на возраст од 4 до 14 години. Согласно со предвидените план и програма за активности приспособени на возраста, предзнаењето и интелектуалниот капацитет, децата се поделени во две групи. За нив се грижат социјален работник, психолог, воспитувач, негувател, координатор, а има вработено и хигиеничар.
Сепак, Велковска вели дека нема да се предадат и ќе се обидат повторно да ја обноват лиценцата за работа со доставување на целокупната документација, согласно со барањата од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Велковска додава дека до разврската на оваа состојба, Дневниот центар ќе продолжи со активностите во интерес на децата.
– Не сакаме да се откажеме, но немаме средства за да ги покриеме трошоците за функционирање на Дневниот центар, за храна, надоместок за кирија, за платите на вработените, хигиенски средства – нагласи Велкоска.
Образложението за одбивањето да му дадат финансиска поддршка на овој Дневен центар беше дека Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и од другите даватели констатирала дека не ги исполнува условите пропишани во конкурсот, за што бил навремено известен. Воедно, информираат и дека од Комисијата за лиценцирање даватели на социјални услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади е доставено мислење до Одделението за социјално вклучување, за неисполнетост на условите за вршење работа од социјалната заштита – за услугата центар за дневен престој за деца во ризик и воедно дава мислење за одземање на дозволата за вршење работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга, врз основа на што е изготвено соодветно решение, кое е доставено согласно со позитивните законски прописи, појаснуваат од надлежното Министерство.
Инаку Центарот, кој досега им помогнал на над 600 деца, спречил 255 малолетнички брака и вработил 230 младинци, останува без финансиска поддршка заради задоцнето даночно уверение од Управата за јавни приходи. Иако документот за даноци бил побаран во законски предвидениот рок, тој бил издаден дури на 3 јануари 2025 година, поради што Министерството за социјална политика, демографија и млади ја отфрлило нивната апликација. Стручниот тим досега повеќе пати работел без надоместок, само за да го одржи континуитетот на работа и за да спречи децата да се вратат на улица.
Загрижувачки е фактот што со престанувањето со работа на Центарот, децата повторно ризикуваат да останат на улица, лишени од суштинската социјална, психолошка и педагошка поддршка. Центарот не само што работи директно со децата туку обезбедува и поддршка за нивните семејства, помагајќи им во стекнувањето работни вештини и социјална интеграција.
(А.П.)