Нема кој да ги лета ер-тракторите!?

Ревизорите во ДЗС открија катастрофална состојба

908

Во Дирекцијата за заштита и спасување нема пилоти за авионите, набавените дишни апарати и термални камери не им биле предадени на противпожарните единици по општините, а откриени се и сомнителни ангажмани на консултанти. Ова стои во извештајот на Државниот завод за ревизија кој ја констатираше и катастрофалната состојба со скривниците кои се во надлежност на ДЗС а за што весникот ВЕЧЕР повеќепати пишуваше. 

Минатата година кога на територијата на Македонија беснееа стотици пожари, ДЗС морале да ангажираат пилоти со договор бидејќи останале само со еден, поради заминување на пензија на другите двајца. Претходно пак, Агенцијата за цивилно воздухопловство при вонреден инспекциски надзор времено им забранила да ги летаат ер-тракторите поради недостиг од квалификувани пилоти. Ова е констатирано во Извештајот на Државниот завод за ревизија во кој се нотирани и забелешките за неводење сметка со набавената противпожарна опрема. Дури и кога се набавувала, опремата фаќала прашина во магацините.

-Во 2023 година набавени се 40 изолациски дишни апарати и 20 рачни термални камери за пожарникари, но истите не се распоредени на ТППЕ по општините, туку се складирани во магацините на ДЗС, стои во извештајот на ДЗР.

Сеуште се свежи и траорни сеќавањата од последните пожари кои опустошија шума колку претходните десет години заедно, а  воздушни противпожарни тимови од шест различни земји членки на ЕУ беа распоредени ширум земјата во борбата со огнената стихија. Ситуацијата сигурно ќе беше поинаква доколку државата имаше Национална стратегија за заштита и спасување која изостанува од 2018 година па наваму. Дојде и 2025 година, а Акцискиот план изработен од пред три години сеуште не е донесен, нотираат ревизорите.

-Ваквата состојба создава ризик од некоординирани активности на локално, национално, регионално и меѓународно ниво при справувањето со четирите опасности од природни непогоди и други несреќи и влијае врз целокупниот систем на заштита и спасување во државата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење, нагласува ревизорот.

ДЗР: Во скривниците затекнавме опрема стара повеќе од 40 години

Државниот завод за ревизија ја констатираше и катастрофалната состојба со скривниците кои се во надлежност на ДЗС а за што весникот ВЕЧЕР повеќепати пишуваше. Последниот, со наслов “Во скривниците не може ни да се влезе, а камоли да се најде заштита“ беше објавен неодамна. Ревизорите констатирале дека 32 засолништа за кои е надлежна да ги одржува, се буквално претворени во депонии.

– Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од препреки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостаток на струја и вода. Истовремено, едно засолниште се користи од приватно правно лице, за кое користење не ни беше доставена документација за закуп, ниту пак утврдивме соодветен приход по овој, забележува извештајот на ДЗР.

Во скривниците била затекната опрема од пред 40 години, нефункционална, непроверена и со поминат рок. Многу од објектите, повеќе од 70%, со кои располага ДЗС, не се евидентирани, тие малку што се пак немаат имотни листови па никој не знае што се прави со државниот имот, констатирале ревизорите.

Редакцијата ВЕЧЕР испрати барање за коментар до надлежните во ДЗС, по извештајот од државниот ревизор, но до затворање на весникот не добивме одговор.

Сомнителни ангажмани на консултанти, брокери посредувале за осигурување на авиони!?

Ревизорите откриваат дека ДЗС континуирано склучувала договор за ангажирање на брокерско друштво како консултант за посредување во договарање на осигурување на воздухоплови. За две години на брокерското друштво му биле исплатени 208 илјади евра. Ревизорите побарале и објаснување зошто брокер се ангажирал при договарање за осигурувањето на авиони.

-Имајќи предвид дека се работи за ист предмет на осигурување, авиони кои се набавени во 2010 година и во континуитет се врши нивно осигурување не добивме уверување за потреба од ангажирање на надворешни експерти во постапката за ЈН, како и не беа доставени документи од кои ќе можеме да потврдивме дека брокерското друштво го реализирало предметот на договорот. Брокерот наплатувал посредничка провизија, 25% од вредноста на договорот, односно вкупна договорена премија, нотира извештајот на ДЗР. (П.А)

 

ИЗДВОЕНИ