Загрижувачка е состојбата во државата бидејќи нема интерес за нови згрижувачки семејства, а се става под знак прашање и функционирањето на постојните, констатираа претставници на советот на згриужувачи од СОС Детско село на денешната средба со министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.
Тие додадоа дека без поддршка од Министерството за труд и социјална политика процесот на деинституционализација нема одржливост.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека на средбата биле посочени и на слабостите во системот на социјална заштита и третирањето на згрижувачите од страна на институциите.
-Згрижувањето на деца треба да се гледа како професионална дејност и треба да се залагаме да се добие соодветно место во системот. Згрижувачите не се обични луѓе, туку за нив системот треба да даде свој придонес како посебни даватели на услуги – наведе Велковски.
Во соопштението од МТСП се нагласува дека во иднина заедно како партнери ќе работат да се донесе посебна методологија за утврдување на надоместок за згрижено дете и надоместок за згрижувачот.
-Згрижувањето треба да стане професија со платени придонеси за извршената работа, а згрижувачите треба да бидат партнери на министерството во остварувањето на правата на децата – се потенцира во соопштението.