Поради немање доволно вода за полнење на нивите, можно е да се преполови вкупната засадена површина со ориз во Кочанско.- Во „Калиманци“ има 72 милиони кубни метри вода што е доволно за 70 проценти проценти за површините под ориз. За активирање на браната „Калиманци“ има уште најмалку 10 до 15 дена и се очекува дожд, се надеваме дека ќе стигнеме до 100 милиона – напиша на Фејсбук Горанчо Зашов, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

За неделава е закажана средба со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски на која ќе се разгледува состојбата со акумулираните количини вода и ќе се утврди конечниот план за сеидба

 

За 10 до 15 дена треба да почне седбата на оризот во кочанско, но оризопроизводителите велат дека се соочуваат со стариот проблем – нема доволно вода во браната „Калиманци“ за да се наполнат нивите, поради што се неизвесни вкупните површини за засадување.

Во водостопанската подружница „Брегалница“ велат дека лошата хидролошка состојба во текот на зимскиот период негативно се одрази на полнењето на браната, а и покрај врнежите од дожд во текот на пролетта, количините со кои располага таа не се доволни за целосна реализација на планот за сеидба во споредба со минатата година.

– Во „Калиманци“ има 72 милиони кубни метри вода што е доволно за 70 проценти проценти за површините под ориз. За активирање на браната „Калиманци“ има уште најмалку 10 до 15 дена и се очекува дожд, се надеваме дека ќе стигнеме до 100 милиона. Со чистење на канали сме на 96 проценти од планираното, неделава ќе финишираме – напиша на Фејсбук Горанчо Зашов, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

За неделава е закажана средба со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски на која ќе се разгледува состојбата со акумулираните количини вода и ќе се утврди конечниот план за сеидба.

Во 80-тите години од минатиот век во Кочани се сееле по околу 6 илјади хектари ориз, лани таа површина изнесуваше околу 4 илјади хектари, а производителите велат дека ако нема доволно вода и фактот што нема пласман, годинава посеаните површини со оризова арпа да се преполоват.

Со цел да им излезе во пресрет на оризопроизводителите, Владата неодамна ја усвои дополнетата Среднорочна програма за стоковните резерви со која се предвидува да се складираат 1.300 тони ориз со кои се покрива 60-дневна потрошувачка. Годишната потрошувачка на ориз во Македонија изнесува 8.000 тони.

– Во стоковните резерви ќе се складираат 1.300 тони ориз, односно 2.400 тони оризова арпа, со коишто се обезбедува 60-дневна потрошувачка, а за што се потребни околу 100 милиони денари. Оризот како култура која е од исклучително значење за населението во земјата и погодна за чување како стоковни резерви е опфатен со последните измени и дополнувања на Законот за стоковните резерви – информираа од Министерството за финансии на чиј предлог беше усвоена дополнетата Среднорочна програма за стоковните резерви.

Стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во Македонија и се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот. Нив ги сочинуваат: пченица, пченка, јачмен, оризова арпа, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.

Во февруари Владата ја донесе Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година.

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои во производната 2024/2025 година имаат засеани и ожнеани површини со следните култури: пченица, јачмен, пченка, ориз…Минимум засеана површина збирно за сите култури е 0,5 хектари во производната 2024/2025 година.

-Висината на директни плаќања за сите наведени култури од алинејата 1 од оваа подмерка, без употреба на сертифициран семенски материјал изнесува 6.000 денари по хектар, освен за оризот каде што висината на поддршката изнесува 21.000 денари по хектар со исклучок на сортата чистач која не е опфатена со оваа подмерка. Висината на директните плаќања за ориз, со употреба на  сертифициран семенски материјал согласно минимално употребената количина на семе по хектар изнесува 28.000 денари по хектар со исклучок на сортата чистач која не е опфатена со оваа подмерка – се наведува во Уредбата.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ