Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека е потребно наскоро да се постигне мировен договор помеѓу Русија и Украина.
„Не можеме да продолжиме да посветуваме време и ресурси на тоа, ако не се реализира“, истакна Рубио.
Но, тој не прецизира колку администрацијата на Доналд Трамп е подготвена да чека на резултатите од преговорите.
„Минатата недела беше посветена на тоа да откриеме колку овие страни се навистина блиски и дали се доволно блиски за да заслужат вложување на нашето време како посредник во тој процес“, посочи Рубио.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изрази сомневање за искреноста на рускиот претседател Владимир Путин.
„Можеби не сака да ја запре војната во Украина и само ме завлекува“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Вистина“, заканувајќи се дека дополнително ќе ги заостри санкциите против Русија.
Трамп ја објави оваа порака по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Ватикан, на маргините на погребот на папата Франциско.