Македонскиот спорт е во слободен пад во последниве неколку години, но би требало драстично да се промени тоа за брзо време, бидејќи, со формирањето на новата Влада, Македонија по повеќе од две децении повторно доби Министерство за спорт, со кое раководи поранешниот ракометен репрезентативец, Борко Ристовски.

Во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот откри детали за тоа како ќе го подигне новоформираното Министерство спортот на повисоко ниво, како ќе се дели помошта за клубовите, кои спортови ќе бидат финансирани од државата, а кои ќе бидат само потпомогнати. Најави дека интензивно се работи на стратегија за развој на спортот, дека нема да се расфрла со државните пари и дека помошта ќе биде дадена таму каде што е најпотребна, односно во спортовите што бележат најдобри резултати. Ристовски најави и дека интензивно ќе се работи на спортска инфраструктура, како и на развој на спортот во младинските категории.

  1. Колку беше катастрофална состојбата кога дојдовте на функцијата и што презедовте да го подигнете спортот на повисоко ниво?

– Како ново Министерство за спорт, според она што го затековме во македонскиот спорт и според тоа како функционирала поранешната Агенција за млади и спорт, не почнуваме од нула, туку од минус 2, фигуративно кажано. Поради неправилностите во работата на АМС, за што постојат и обвиненија, наидовме на многу пречки, кои ја отежнаа трансформацијата.

Затековме нефункционална институција со поведени обвиненија за корупција за поранешни директори и вработени во Агенцијата за млади и спорт. Затековме нетранспарентни постапки, лоши критериуми и потрошени милиони државни пари без конкретни резултати. Затековме руинирани спортски сали, почнати и недовршени проекти. Сето ова е само дел од тоа со што се соочивме и се соочуваме како ново Министерство за спорт.

Што презедовме? Како прво, направивме една комплетна анализа на затечените состојби, обезбедивме финансиски средства за националните клубови и за федерациите, кои претходно не беа обезбедени. Презентиравме нов модел на финансирање, кој гарантира правична распределба на државната помош, а започнавме и осум капитални проекти за подобрување на спортската инфраструктура.

Започнавме нов проект со фокус на врвниот спорт, според кој националните федерации и клубовите што имаат официјални меѓународни настапи добија дополнителни околу 84 милиони денари. Следно, по новите критериуми се доделени 550 милиони денари како државни субвенции во спортот, кои не беа ни буџетирани од претходната власт. До крајот на годинава ќе започнеме уште една нова програма, која ќе значи поддршка на развојот на женскиот спорт и поддршка за младите таленти. Тоа значи дека ќе ја „затвориме“ годината со една сериозна сума од околу 14 милиони евра државни средства во спортот. Во првите месеци од 2025 година, во февруари-март 2025 година, ќе бидат исплатени другите субвенции. Откако е конституирано Министерството за спорт, па до март, најдоцна до април наредната година, ќе исплатиме вкупно 1.219.000.000 денари, што е околу 20 милиони евра. Тоа ќе биде огромна помош и поддршка за македонскиот спорт.

  1. Најавивте измена на Законот за спорт. Што конкретно ќе се менува и кога да ги очекуваме тие измени?

– Донесувањето нов закон за спорт, кој ќе биде далеку пофункционален од сегашниот, е една од зацртаните цели на Министерството за спорт. Веќе посочив дека нашата цел е да се зголеми транспарентноста во распределбата на средствата, да се воведат појасни критериуми за добивање државна помош, како и да се подобри регулацијата во врска со спортските објекти. Изготвувањето нов закон е доста сложена и комплексна работа и материја што бара време да се изготви, да помине низ институционалниот процес и да се спроведе. Во конципирањето на новиот закон за спорт, секако, прво ќе направиме компаративни анализи, споредба со законите од другите земји. Потоа, откако првично ќе биде направен предлог-законот, ќе ги повикаме сите национални спортски федерации, невладините организации, јавноста и сите спортски чинители, ќе ги слушнеме нивните предлози и ставови и ќе дебатираме за нашиот предлог. Доколку има конструктивни предлози од нивна страна, ќе ги прифатиме и ќе ги вметнеме во самиот закон. Законот ќе го ставиме на јавна дебата на целокупната спортска јавност пред да го претставиме, а потоа и да го спроведеме. Поради целиот тој процес, тешко е да се одреди прецизен временски рок кога ќе стапи на сила тој нов закон, но, секако, ќе настојуваме да го реализираме тоа.

  1. Може ли да ни кажете нешто повеќе за Стратегијата за развој на спортот?

– Во новата Стратегија за развој на спортот, во фокусот ќе бидат неколку битни елементи. Прво, ќе дадеме поддршка за напредок на врвниот спорт, затоа што врвниот спорт е оној спорт што ја промовира државата и ги промовира вистинските спортски вредности. Тој е најрепрезентативен и носи најголема популаризација на меѓународната сцена. Во нашата Стратегија за развој на спортот ќе стои кои спортови ќе ги финансираме, а кои ќе ги помагаме. Досега се финансираа сите и од таквата стратегија „за сите по нешто за мир во куќа“, апсолутно немаше никаква придобивка во спортот.

Ќе ги помагаме и младите спортски таленти и учеството на младите во спортските активности. Ќе им даваме поддршка и на развојот и на унапредувањето на женскиот спорт. Сакам да нагласам дека ова ќе биде динамичен процес, кој ќе бара континуирана евалуација и приспособување. Мора да направиме една стратегија што ќе донесе реален развој, затоа што досегашното трошење на државните пари во спортот не донесе апсолутно никаква придобивка. Погрешното финансирање дефинитивно е една од причините за ваквата состојба во која ни е спортот – на многу ниско ниво. Наша цел е да се променат ваквите состојби и со правилна стратегија, да се подигне македонскиот спорт на повисоко ниво.

  1. Дали ќе се насочите повеќе кон индивидуалниот или кон колективниот спорт?

– Ќе се насочиме кон спортовите каде што имаме најголем потенцијал. Со нашата Стратегија за развој, поддршката ќе се однесува на спортовите што се најмасовни кај нас и, традиционално, носат најголеми успеси. Во колективните спортови, фокусот ќе биде на четири спорта: фудбалот, кошарката, ракометот и одбојката, а од индивидуалните, ќе бидат спортовите што ѝ донеле најмногу успех на Македонија во минатото, како што се таеквондото, боксот, борењето, пливањето… Тоа се спортовите што ќе ги финансираме ние во најголем дел, а сите други ќе ги помагаме. Така што тоа ќе биде еден заокружен процес, по јасни и транспарентни критериуми. Нема да се растураат залудно државните пари. Ќе финансираме програми и ќе бараме резултати. Ако некој не ги исполни очекуваните резултати, следната година ќе добие помалку средства или ќе го загуби правото на државна помош, односно тие пари ќе бидат дадени на друг што бележи поголем напредок.

  1. Што ќе правите во поглед на спортската инфраструктура? Дали ќе се насочите кон нови проекти или кон реконструкција на постојните?

– Спортската инфраструктура во Македонија е недоволна, а постојната, во повеќето случаи, е во многу лоша состојба. Не може да барате резултати, а спортистите да немаат каде да тренираат. Инфраструктурата е основата за развој на спортот. Ние направивме инспекција во неколку сали и веќе имаме започнато проекти за изградба и за реконструкција. Некаде се работи за делумна, а некаде за целосна реконструкција на неколку спортски сали, како салата „Расадник“, спортската сала во Радовиш, спортската сала во Воената академија во Скопје…

До крајот на оваа година, ќе започнат осум капитални проекти за спортска инфраструктура. Деновиве, ги потпишавме првите три договори со изведувачите и веќе почнуваат целосната реконструкција на спортската сала во Радовиш, реконструкцијата на спортската сала во Ново Село и изградбата на атлетската патека во Гевгелија, проекти во вкупна вредност од 28.127.554 денари. Постапно течат постапките за реализацијата и на другите предвидени проекти.

Исто така, работиме на обновување на многу од постојните објекти што беа занемарени со години. Се планира и изградба на нови спортски центри во повеќе градови низ државата, со цел секој регион да има пристап до квалитетна спортска инфраструктура, а младите што сакаат да се занимаваат со спорт – да има каде да спортуваат.

  1. Што планирате да преземете во однос на спортското образование на младите?

– Еден од најважните аспекти за развој на спортот е работата со младите категории. И токму затоа во нашата програма предвидуваме и поддршка на младите спортски таленти. Планираме да го зајакнеме спортското образование преку интегрирање на повеќе спортски активности во образовниот систем. Ќе работиме на создавање структуриран систем за идентификација на младите таленти и нивна поддршка преку програмите за развој.

Работиме активно со Федерацијата за училиштен спорт за да го подигнеме капацитетот на повисоко ниво. Активностите мора да се зголемат, а ние, како Министерство, сме подготвени за соработка за да се надминат пропустите и за да имаме уште подобра реализација на зацртаните цели и во оваа област. Треба да се направи еден нов концепт каде што училишниот спорт ќе биде уште повеќе промовиран, организиран, медиумски повеќе застапен и добро ќе биде презентиран во училиштата.

И во овој сегмент, покрај организацискиот дел, од исклучителна важност е и инфраструктурата. Младите мора да имаат услови да спортуваат, заслужуваат услови во кои ќе се развиваат и ќе напредуваат. Вложувањето во младите е вложување во иднината, а токму спортот е најмоќната и најчиста алатка за развој на здрави личности.

Министерството за спорт ќе даде конкретна поддршка низ програмите што ги промовираат спортските активности меѓу младите, но и преку вложувањата во инфраструктурата, која ќе им овозможи на младите да се занимаваат со спорт во соодветни услови. Тука ќе споменам дека во Програмата за изградба и санација на спортски објекти, за кои се издвоени средства за реализација до крајот на 2024 година, предвидена е и санација на 15-20 мултифункционални игралишта и санација на детски игралишта на кои ќе биде поставена спортска опрема.

  1. Како ќе се доделува државната помош откако се смени ваучерскиот систем?

– Еден од најголемите проблеми со т.н. ваучерски систем беше недостигот на транспарентност, но и критериумите беа нејасни и токму поради тоа сега има обвиненија. Ние сакаме да одиме по поинаков пат, пат на чист спорт каде што вистинските таленти ќе ја добијат заслужената помош од државата.

Распределбата на државни пари, за мене, претставува една голема одговорност и токму поради тоа, сега е поинаква постапката. Оваа програма за исплата на државната помош во спортот најпрво помина на Влада и беше едногласно усвоена, а потоа кај сите инстанци за одобрување и проверка и дури потоа ја започнавме процедурата за исплата.

Клубовите и спортистите ќе можат да аплицираат за државна помош преку транспарентни јавни повици, каде што финансирањето ќе биде распределено според нивните резултати. Во „Службен весник“ беше објавен Правилникот за користење на средствата од годишните програми за остварување на јавниот интерес во дејноста спорт, во кој јасно се наведени сите критериуми. Она што е најважно е дека субвенционирањето ќе биде спред учеството во националните федерации. Најосновната ставка е рангирањето во националните првенства, а не оние ставки од претходно, кои оставаа простор за манипулација и за корупција. Затоа одлучивме да го вреднуваме успехот и распределбата да биде соодветна на пласманот. И за разлика од претходно, сега спортските субјекти ќе ги добиваат средствата од државната помош директно од Министерството за спорт. Поедноставена е целата постапка и скратен е рокот од аплицирањето до добивањето на средствата. Претходната постапка, од донесувањето на обрасците во тогашната Агенција за млади и спорт до исплатата на средствата, имаше рок од 90 дена. Сега, сето тоа се завршува за два дена. Апликациите се разгледуваат на два дена, како што пристигнуваат обрасците во Министерството за спорт, се потпишува документот и почнува исплатата. Тоа е една многу поедноставена и многу поефикасна процедура, затоа што сме свесни дека клубовите ги чекаат овие средства. Во тек е исплатата на средствата за субвенционирање на спортот во вкупен износ од 550 милиони денари. Во февруари-март 2025 година ќе бидат исплатени другите субвенции, што ќе биде огромна помош, бидејќи македонскиот спорт, за неполна година, ќе биде субвенциониран од државата со околу 20 милиони евра.

 

Славе ТАСЕВСКИ