НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ НА ДРУГО МЕСТО: Сараевскиот ќебап заштитен како автохтон бренд – следен е лебот

150

Сараевскиот ќебап отсега е заштитен како автохтон бренд и специјален босански производ, а наскоро ќе следи и процедурата за заштита на сараевскиот леб, потврди градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ.

Градската управа пред две години ја покрена постапката за заштита на сараевскиот ќебап како производ со посебно географско потекло согласно законските одредби кои важат во Босна и Херцеговина и оваа постапка сега е завршена, а следниот чекор, како што соопштија, е заштитата на тој бренд на пазарот на Европската унија.

„Како што велиме, ако дојдете во Сараево и не ги пробате ќебапите, исто како да не сте биле, односно треба да се вратите назад“, им рече Кариќ на новинарите, најавувајќи го брендирањето на лебот кој се служи со ќебапи, а се произведува само во сараевските пекарници. Се одликува со посебната текстура на тестото и вкусот на ориенталниот зачин чурук (црн ким), кој потекнува од Југоисточна Азија.

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), исто така, ја поддржа постапката за заштита на сараевскиот ќебап како автохтон, а шефицата на канцеларијата на БиХ, Кортни Чаб, рече дека одлучиле да го сторат тоа бидејќи тоа е клучен производ на сараевската гастрономска и туристичка понуда.

„Оваа ознака го препознава сараевскиот ќебап како уникатен производ што не можете да го добиете никаде на друго место во светот. Ги заштитува неговите состојки за да не можат да се копираат и во исто време ја гарантира безбедноста и квалитетот на производот“, рече Чаб.

Таа објасни дека УСАИД посветува посебно внимание на туризмот и го смета за активност која значително придонесува за севкупниот економски развој на земјата.

Како што објасни директорот на Агенцијата за безбедност на храна на БиХ, Џемил Хајриќ, Сараево го заштитил ќебапот врз основа на законот на ниво на БиХ, што е во согласност со политиките и стандардите на Европската унија.

Сараевскиот ќебап е осми производ кој ја помина оваа процедура и сега претставува нов потенцијал за развој на туристичката понуда, но и за спречување на злоупотреба, односно производство на „лажни“ сараевски ќебапи.

Сега ќе биде невозможно сараевскиот ќебап да се прави на друго место, а на нашите ќебапџии ќе им обезбедиме можност за дополнителен пласман и извоз на пазарот на ЕУ“, рече Хајриќ.

Претходно, низ оваа процедура помина само уште еден производ од Босна и Херцеговина, а тоа е сирењето Ливањски, за кое сега е отворен патот за пласман на пазарот на земјите од ЕУ.