Растот на цените на становите во Скопје никако да запре. Последните податоци покажуваат дека од 2020 година досега, цените на становите во некои населби како Центар, Кисела Вода, Карпош пораснале за дури 40 отсто. За разлика од Скопје, каде што квадратот отиде над 2.000 евра, во градовите од внатрешноста цената на квадратот се движи од 850 до 1.200 евра.

Градежните експерти велат дека цените на становите во Скопје се нереално високи и дека за тие пари не добиваш никакви сервисни услуги, што е далеку од квалитетно живеење.

– Цените на становите во Скопје се нереално високи. Надвор од секаква логика е да плаќаш 2.000 евра за квадрат, а да немаш активен и квалитетен живот. Становите во Скопје не нудат никакви пристапни сервисни услуги и најголем дел се само преноќишта, односно служат само за спиење. Тие станови се само за самци и за пензионери, а не и за семејства. Нема зеленило, нема паркинг, нема осветлување, нема игралишта, нема каде да ги пуштат децата да играат, од зграда директно на улица – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.

Според него, треба да му се стави крај на урбанистичкиот хаос во градот и веќе да не им се задоволуваат апетитите на инвеститорите.

– Во некои делови од центарот на градот, многу често може да се види дека нема никаков урбанистички план, односно зграда до зграда, каде што семејствата немаат никаква приватност, бидејќи буквално гледаат во спалната соба на соседот. Апелирам веќе да не се дозволува таков инвеститорски урбанизам, кој е воден исклучиво од профитот и интересот на инвеститорите, а не од потребите на граѓаните – објаснува Велковски.

Исто така, каде што има станбени згради, треба да се забрани отворање ресторани и кафулиња, туку само некои мирни дејности.

– Во станбените згради, веќе не треба да се дозволи да се отвораат ресторани, кафулиња… бидејќи има голема бучава и луѓето не може да спијат. Од друга страна, им го зафаќаат паркинг-просторот пред зградите и станарите нема каде да паркираат – вали градежниот експерт. 

Eксперти велат дека не држат вода тврдењата дека квадратот е поскапен поради поскапите материјали и работната рака, бидејќи цените на градежните материјали и на работната рака се исти и во Куманово, Штип, Велес… но таму цените не се многу зголемени.

Во другите градови во државата, највисока е цената на становите во Охрид. Но, во Охрид, за разлика од Скопје, продажбата е на второ место, бидејќи, како туристички центар, луѓето претежно ги изнајмуваат своите станови, апартмани и соби отколку што ги продаваат. Цените на становите во Охрид се движат од 1.000 до 2.000 евра за квадрат.

Од другите градови во државата, релативно поскапи се становите на познатиот „Широк сокак” во Битола, каде што се движат по околу 1.200 евра за квадрат. Исто така, цените во Штип, покрај факултетите, се движат меѓу 850 и 1.200 евра за квадрат, што навистина е висока цена за луѓето со релативно помали примања.

(А.С.)