„Нелегален дожд“ ги потопи Словенија и Хрватска, се протнал под „радарот“ на метеоролозите

124

Метеоролозите беа едноставно изненадени од „потопот“, зашто  два дена пред него ниту еден метеоролошки модел не можел да го предвиди. Прогнозите укажуваа дека ќе се движи подлабоко над Балканот, но потоа почна да се враќа. Прво врнежи од запад, па потоа од исток, хаосот настана од движењето на јадрото од студен воздух, објасни метеорологот Штер

 

Дожд и силен ветер во понеделникот ги зафати речиси цела Словенија и дел од Хрватска. За овој период од годината тоа не би било ништо необично, доколку ваквата временска непогода не се случи под „радарот“ на метеоролозите.

Тие беа едноставно изненадени од „потопот“, зашто  два дена пред него ниту еден метеоролошки модел не можел да предвиди такво нешто.

-Вчерашните обилни дождови не беа предвидени со ниту еден модел за прогноза, напиша метеорологот Блаж Штер на социјалната мрежа Х и дождот го опиша како „нелегален“.

Најголемото изненадување за метеоролозите е тоа што врнежите зафатија голема површина. Лиеше на цела територија на Словенија со исклучок Приморска и на делови од Хрватска. Но како што посочуваат стручњаците, не било само тоа изненадувањето. Тие биле зачудени и од количината на врнежи која надминала 60 милилитри на квадратен метар.

Причина за ова изненадување што го приреди природата, како што констатираат метеоролозите, е непредвидливото движење на медитеранскиот циклон.

-Прогнозите укажуваа дека ќе се движи подлабоко над Балканот, но потоа почна да се враќа. Прво врнежи од запад, па потоа од исток, хаосот настана од движењето на јадрото од студен воздух, објасни Штер.

Тој и неговите колеги тврдат дека ваквите пропусти на метеоролозите се прилично ретки и се случуваат особено во лето, кога времето е многу подинамично од различни причини.

-Денес се користат неколку модели за изработка на временска прогноза, кои веќе се доста моќни и сигурни, особено кога се прогнозира ден или два однапред. Но не би било лошо да се вклучи веројатноста за врнежи во проценти, ваквите прогнози се многу добри рече Штер.

Тие прогнози се сметаат за многу добри. Но, како што објаснува тој, времето е динамичен и нелинеарен, односно хаотичен феномен, кој понкогаш е тешко точно да се предвиди, особено долгорочно и посебно во земјите се нерамно тло и со клима како во Словенија.

-Затоа, не се нервирајте премногу ако временската прогноза е погрешна, вели  Штер.