Неколку германски градови сакаат да ја забранат Ер-би-ен-би на својата територија

1194

Популарната платформа за изнајмување туристички станови, Ер-би-ен-би (Airbnb) падна во немилост на некои германски градови.

Цените на становите што се нудат преку оваа платформа обично е поповолна од хотелските, но Германците се жалат дека им го загрозува станбениот простор.

Во градовите како Минхен, Гелзенкирхен или Диселдорф, милиони туристи присутни на спортските и музичките настани, изминатите недели потрошија многу пари на храна, пијалаци и ноќевања.

Но, лавовскиот дел од профитот, остварен од тие настани, отиде во касата на туристичката платформа. Како што објаснуваат хотелиерите, тие немале значително зголемен приход, зашто кога има спортски или слични настани, се одложуваат други, како на пример конгреси.

Наспроти тоа, бизнисот на Ер-би-ен-би цвета, но на сметка на локалното население. Една студија на Германскиот институт за економски истражувања покажала дека една од последиците од цветањето на пазарот со туристички апартмани, како што е случајот со Ер-би-ен-би, е зголемување на кириите. Бидејќи, ако сè повеќе станови се издаваат на туристите, може да се случи кусок на станови за живеење. Поради тоа некои градови сакаат да ја забранат оваа платформа на својата територија.

Сместување преку Ер-би-ен-би  е многу барано, меѓу другото, и затоа што гостите можат сами да си готват и да не потрошат многу. На пример, во Минхен каде што во јули Тејлор Свифт имаше два концерта, во споредба со истиот месец лани побарувачката на станови преку платформата пораснала за дури 600 проценти. Во  Гелзенкирхен, град  во Рурската област, за кој многу посетители претходно не знаеле, за време на нејзините три концерти побарувачката на станови пораснала за неверојатни 7.000 проценти.

Поголемата побарувачка е можност и повеќе да се заработи. Како што велат Фалк Ерфкамп и Никлас Кун, кои издаваат станови, ако нормалниот промет по стан е меѓу 2.500 и 3.000 евра, за време Европското првенства во фудбал во Германија имало станови кои оствариле обрт од шест до седум илјади евра. Но, кога побарувачката е поголема од понудата, на туристите не им преостанува друго, освен да се сместат во предградијата. А тоа често им пречи на локалните жители.