„Некој ме гледа романтично“ – концерт со Бети Гарсес и Кевин Шорт во Филхармонија по повод Денот на вљубените

16

„Некој ме гледа романтично“ е насловен традиционалниот љубовен концерт што ќе се одржи в четврток (13 февруари), со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија, а по повод Денот на вљубените. На програмата е „Балет за Марта“ од балетот „Пролет на Апалачите“ од Арон Копланд, Три танцови епизоди од балетот „Од градот“ од Леонард Бернштајн и арии од љубовната опера „Порги и Бес“ за сопран, баритон, хор и оркестар од Џорџ Гершвин. Диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а како солисти ќе настапат сопранистката Бети Гарсес (Колумбија) и бас баритонот Кевин Шорт (САД). Ќе настапи и хорот „Про Арс“ кој го подготви маестро Сашо Татарчевски.

Извонредната Бети Гарсес Бедоја моментално се смета за една од најистакнатите колумбиски сопранистки. Родена e во Буенавентура, на бреговите на колумбискиот Пацифик, и таа е првата Афроколумбијка која изградила растечка кариера како лирски сопран. Бети Гарсес е извонредна и страсна интерпретаторка и на соло-песни и редовно одржува рецитали на најголемите сцени. Нејзиниот репертоар вклучува дела од композитори како: Штраус, Корнголд, Берг, Шенберг, Малер, Шосон, Онегер, Буланже, Бритн, Гинастера, де Фаља, Рахмањинов.

Американскиот бас-баритон Кевин Шорт, кој во 2021 се приклучува на наставниот кадар на престижната школа „Џулијард“, настапува низ целиот свет во репертоар што опфаќа дела од Моцарт, Монтеверди, Верди, Бизе, Вагнер… Неговите настапи во Северна Америка вклучуваат изведби со операта „Метрополитен“, Њујоршката оперска компанија, оперите во Чикаго, Хјустон, Лос Анџелес, Вашингтон, Сиетл, Филаделфија…, но и неговите европски и азиски достигнувања вклучуваат настапи со повеќе оперски куќи, оркестри и фестивали. Неговиот соло ЦД-албум „Mephistopheles and Other Bad Guy“ за „Пентатон“, беше прогласен за еден од извонредните класични записи во 2018 од WQXR.

ИЗДВОЕНИ