Во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со колективниот договор. Многу газди ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 само по неколку илјади денари, појаснуваат од ССМ. Оттаму велат дека секој газда и секоја јавна институција мора да го исплати пропишаниот минимум на К-15, кој изнесува 11.000 денари за јавен и околу 16.800 денари за приватен сектор

 

Секој газда и секоја јавна институција мора да го исплати пропишаниот минимум на К-15. Годинава за јавен сектор тој изнесува 10.992 денари, односно 11.000, а треба да го земат над 84 илјади вработени. За приватен сектор К-15 изнесува 40 отсто од последната тримесечна нето-плата во државава, односно околу 16.800 денари. Од Сојузот на синдикати ги потсетуваат работодавачите дека роковите течат и апелираат да не го чекаат последниот ден од годината за исплата на регресот на годишен одмор.

– И покрај тоа што просечната плата малку се намали минатиот месец, сепак износот на К-15 останува ист, односно околу 16.800 денари. Просечната плата може да се зголеми или да се намали за 1.000 денари, но тоа нема многу да влијае на крајниот износ на К-15, односно тој ќе биде повисок или понизок за 50-60 денари. Исплатата треба да се изврши до крајот на годината, а поголем дел од работодавците во приватниот сектор веќе го исплатија регресот за годишен одмор, кој законски може да почне да се исплаќа од мај – изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Тој додава дека ова е минимум кој мора да се исплати и оти поголем дел од работодавачите имаат потпишано колективни договори во кои стои поголем износ на К-15 кој треба да го исплатат. Но, има и газди кој исплаќаат К-15 по неколку илјади денари.

– Во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со колективниот договор. Многу газди ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 само по неколку илјади денари – појаснуваат од ССМ.

До крајот на декември сите работници треба да добијат регрес за годишен одмор, под услов да работеле најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. К-15 им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење годишен одмор на работникот. Доколку е пријавен работникот на половина работно време, односно 20 часа неделно, му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор и исплата на половина износ од утврдениот регрес. Во случај кога е пријавен работникот на цело работно време, односно 40 часа неделно, му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, односно најмногу 26 работни дена и исплата на целиот износ за регрес.

За работодавците што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

Од ССМ апелираат до работниците да ги пријават сите неправилности околу исплатата на К-15, односно доколку е исплатен понизок износ од пропишаниот или ако воопшто не е исплатен регрес за годишен одмор.

(А.С.)