За време на речиси 25-годишниот мандат на Башар ал Асад како претседател на Сирија, покрај него цело време беше неговата сопруга Асма, која е родена во Велика Британија.
49-годишната Асма, некогаш беше претставена како лицето на Сирија која станува модерна земја, но не се појави многу во јавноста од почетокот на разорната граѓанска војна во земјата во март 2011 година.
Родена е во западен Лондон, во сириско семејство. Нејзиниот татко е кардиолог, а нејзината мајка работела во сириската амбасада во Лондон.
Асма Ахрас се школувала во приватно училиште, каде што нејзините пријатели ја нарекувале „Ема“. Студирала компјутерски науки на престижниот Кралски колеџ во Лондон, а подоцна станала инвестициска банкарка. Во Лондон го запознала Асад, кој дипломирал медицина во Дамаск, а во главниот град на Британија се специјализирал за офталмологија.
Асма се преселила во Сирија во 2000 година кога се омажила за Асад, само неколку месеци откако тој го наследи својот татко Хафез ал Асад како претседател.
Имаат три возрасни деца – два сина и една ќерка.
Со години Западот имаше надежи дека британското воспитување на Асма може да поттикне политички реформи во Сирија, а британска агенција за односи со јавноста беше ангажирана да и помогне да биде заштитно лице на земјата во светот.
Извор за Би-Би-Си во 2012 година изјавил дека Асад се оженил со Асма знаејќи дека таа ќе биде корисна во претставувањето на свежо, модерно лице на оваа земја од Блискиот Исток.
Во тоа време, многумина го гледаа нивниот брак како можност да ги почитуваат интересите и на сунитското мнозинство во земјата, чиј верник е Асма, и на алавитската религиозна група на која и припаѓа Асад.
Сепак, изворот посочи и дека нејзиниот пристап кон улогата на прва дама предизвика тензија во семејството Асад, особено во односите со Бушра, сестрата на претседателот и неговата мајка Анише, кои не се грижеа многу за односите со јавноста.
Сепак, ПР стратегијата имаше одреден успех.
Во февруари 2011 година, американското модно списание „Вог“ објави пофална анализа за Асма под наслов „Пустинска роза“.
Во текстот, кој подоцна беше повлечен и од печатеното издание и од Интернет, Асма беше опишана како „слаба убавица со долги нозе, со аналитички ум, која вешто се облекува за да изгледа поскромно“, но и како „гламурозна, млада и многу шик“.
Авторката Џулиет Џоан Бак подоцна зажалила што го напишала делото, велејќи дека со тоа и се „затрула“ нејзината кариера и ја прекинала соработката со Вог.
Помалку од еден месец по објавувањето на текстот, Асад брутално го задуши мирниот, продемократски бунт, предизвикувајќи разорна граѓанска војна во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, а 12 милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.
Речиси една година подоцна, во февруари 2012 година, Асма за прв пат проговори за војната во нејзината земја, велејќи само дека „сочувствува со жртвите на насилството“.
Во изјава за британскиот весник „Тајмс“, таа уште еднаш му изрази поддршка на својот сопруг, велејќи: „Претседателот е претседател на Сирија, а не фракција на Сиријци и првата дама го поддржува во таа улога“.
Истата година, нејзиниот углед повторно беше извалкан кога беа обелоденети илјадници приватни мејлови, наводно од семејството Асад, откривајќи ја љубовта на Асма кон луксуот.
Од мејловите, кои прв ги објави британскиот весник „Гардијан“, може да се види дека Асма на интернет бара чевли со потпетици од 16 сантиметри кои чинат 5.000 американски долари, дури и во време кога земјата ја потресуваа големи немири.
Според проценките на американскиот Стејт департмент во 2022 година, нето вредноста на семејството Асад била меѓу една и две милијарди долари.
Европската унија (ЕУ) воведе санкции за Асма во март 2012 година.
Таа не даваше изјави за странски медиуми до 2016 година, кога за руската државна телевизија ТВ Русија 24 изјави дека има понуди да ја напушти Сирија, кои таа ги одби, но не откри од каде ги добила.
За време на војната, Асма работеше добротворна работа – се сретна со семејствата на загинатите војници и раководеше со Сирискиот развојен фонд, голема невладина организација која ја координираше помошта.
Во 2018 година и беше дијагностициран рак на дојка во рана фаза и почна да се лекува. Една година подоцна, таа објави дека целосно закрепнала.
Во мај 2024 година, сириското претседателство откри дека Асма има леукемија.
Во соопштението беше наведено дека таа ќе помине низ посебен протокол за третман кој бара изолација и повлекување од очите на јавноста.
Мандатот на првата дама ненадејно заврши во неделата, на 8 декември, кога нејзиниот сопруг Асад беше соборен од функцијата претседател на Сирија, откако бунтовничките сили го зазедоа главниот град Дамаск. Семејството Асад сега е во Русија, најважниот сојузник на поранешниот режим, каде што добија политички азил, објавија руските медиуми.