Некогаш култниот објект претворен во руина и собиралиште на наркомани   

100

Ова некогаш култно место на Водно кое било центар на социјалниот и културниот живот за многу скопјани во 70-тите и 80-тите години, сега е оставено да пропаѓа и да биде мета на вандали, но и да биде собиралиште или како што велат планинарите дувло на наркомани. Звонимир Бачварски, некогашен член на планинарското друштво „Поштар“ и порано вработен во ПТТ, а потоа во Македонска пошта сега во пензија сведочи дека ваквата состојба на овој дом настанала откако се сменила ситуацијата во ПТТ, односно откако таа се поделила на „Телеком“ и на Македонска пошта. Планинарот Коле Мајнов, член на планинарско спортското друштво „Бистра“ е жив сведок за тоа како некогаш изгледал овој дом, бидејќи и престојувал во него и вели дека планинарите се чудат зошто домот е оставен вака

Планинарите кои често одат на Водно, многу добро го знаат Поштенскиот дом кој се наоѓа на надморска височина од 700 метри, меѓу густа букова и костенова шума. За жал, од некогаш елитниот хотел со ресторан и летна тераса, сега се останати само бетонски ѕидови, што е доказ дека сега никој не се грижи за него.

Ова некогаш култно место на Водно кое било центар на социјалниот и културниот живот за многу Скопјани во 70-тите и 80-тите години, сега е оставено да пропаѓа и да биде мета на вандали, но и да биде собиралиште или како што велат планинарите дувло на наркомани. Поштенскиот дом, како дел од поранешното претпријатие ПТТ (Пошта, Телеграф, Телефон), беше во сопственост на „Телеком“. По приватизацијата и продажбата на „Телеком“ на „Маѓар телеком“, објектот постепено излезе од употреба и до 2014 година компанијата го продаде.

Звонимир Бачварски, некогашен член на планинарското друштво „Поштар“ и порано вработен во ПТТ, а потоа во Македонска пошта сега во пензија сведочи дека ваквата состојба на овој дом настанала откако се сменила ситуацијата во ПТТ, односно откако таа се поделила на „Телеком“ и на Македонска пошта.

– Оттогаш почна да пропаѓа овој дом кој беше на ПТТ, а потоа на „Македонска пошта“, а кога влегоа „Телеком“ и по неговата продажба на Унгарците, никој не покажа грижа за работите на ПТТ. Имавме одморалишта во Црна Гора, Дојран, Охрид, како и ова што сега пропаѓа на Водно – раскажува Бачварски.

Вели дека овој објект сега е напуштен и е мета, на како што ги нарекува, мангупи.

– Овој објект беше на високо ниво. Имаше ресторан со прекрасна професионална кујна, како и соби за престој. Беше од отворен тип. Секој овде можеше да престојува. Имаше и бакрорез, но и уметнички слики, како и дрвени столови. Жално е што никој не се грижи за него – вели Бачварски.

Планинарот Коле Мајнов, член на планинарско спортското друштво „Бистра“, е жив сведок за тоа како некогаш изгледал овој дом, бидејќи и престојувал во него. Тој 30 години редовно оди на Водно. Вели дека овој дом бил реновиран пред околу 15 години.

– Сега се е демолирано. Искршени се сите прозорци, искршена е и влезната врата. Искршени се прозорците на големата летна тераса, но и на балконите на горниот кат каде се собите. Претходно имаше Агенција за обезбедување, па не се дивееше вака. Сега никој не води сметка. Имаше и агрегат од два тона и тој е земен. Се е однесено од внатре. Имаше нови маси од масивно дрво. Останаа голи ѕидови. Објектот се претвори во собиралиште на наркомани. Сега е руина и секој може да влезе внатре. Да ти е страв особено кога се стемнува да поминеш оттука – потенцира Мајнов и додава дека планинарите се чудат зошто домот е оставен вака.

Според него, жално е објектот да пропаѓа, а претходно беше чест да се седи на големата тераса од каде што се гледаше цело Скопје, имаше и музика, шанкови и огромна сала за свадби.

И планинарот Љубомир од ПСК „Кораб“ сведочи за тоа дека поштенскиот дом бил фантастичен објект во кој се организирале разноразни средби, настани, состаноци, а сега вели тој не личи на ништо.

– Не е само тој објект поради негрижа пропаднаа и многу други, како што се детското одморалиште веднаш над Поштенскиот дом од кое остана само бетон, потоа детското одморалиште на Скопска Црна Гора, и многу други. Пропаѓаат и стари училишта – тврди Љубомир Котевски.

ВЕЧЕР и претходно пишуваше за негрижата кон овој објект, кога Росица Лазеска, ќерка на Борко Лазески кој е познат академски сликар и автор на муралите што се наоѓаат во Поштенскиот дом, а и во дирекцијата на Македонска пошта кои изгореа во пожарот, на социјалните мрежи коментираше за шокот што го доживеала од она што го видела, односно од демолираниот објект. Тогаш и од „Македонски пошти“ и од Македонски телеком се оградија дека објектот повеќе не е во нивна сопственост.

(А.П.)