Дел од општините ги започнаа подготовките за претстојните новогодишни и божиќни празници. Некои од нив, со различни светлосни ефекти, со интересни разнобојни украси ќе им овозможат на граѓаните што повеќе да ја почувствуваат новогодишната магија, додека дел воопшто нема да имаат новогодишни украси, туку само ќе подготват новогодишни програми со базари и со други мали изненадувања за најмладите. Секоја од нив ќе си ги пружи нозете колку што ѝ е долга чергата.
Скопската општина Центар веќе почна со украсувањето. Улиците почнаа да блескаат во новогодишно руво. Градоначалникот Горан Герасимовски информираше дека со празничното украсување внесуваат новогодишна магија во секое катче од Општината.
– Со внимателно избрани декорации, елки, светлосни фигури и со уникатни украси, целта е да создадеме атмосфера што ќе ги инспирира и што ќе ги обедини сите наши сограѓани – вели Герасимовски.
Празничното украсување ќе се реализира на повеќе локации, со посебен акцент на познатите јавни простори како: скверот „Јадран“, „Боемска“, скверот „Капиштец“ и паркот „Капиштец“, кои ќе блеснат во светлоста на празниците.
– Дополнително, ќе бидат поставени дрвени куќички и декорации, кои ќе ја надополнат зимската бајка. На плоштадот „Јадран“ ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку дена пред новогодишната ноќ, со бројни настани и забави. Во моментов се договараат македонските музичари што ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно. Целта на овој ангажман е да се поттикнат заедничкото празнување, радоста и оптимизмот во пресрет на Нова година – најави Герасимовски, нагласувајќи дека е планот до 2 декември Општината да биде како новогодишна бајка.
Од Град Скопје сè уште молчат околу подготовките за пречекот на Нова година. Не одговорија на прашањето дали и кога ќе започне новогодишното украсување, каква новогодишна програма се подготвува и дали годинава ќе има базар.
Од Општина Аеродром, пак, велат дека јавната набавка за изнајмување опрема за новогодишното осветлување е завршена и оти е избрана фирма. И сето тоа ќе ја чини Општината 2.998.0000 денари без ДДВ.
– Исто така, во преговори сме со повеќе приватни општествено одговорни компании, кои, во рамките на своите можности, се подготвени да организираат сопствена предновогодишна програма, со која аеродромци ќе имаат можност за забава и за дружење во пресрет на празниците – одговорија од локалната самоуправа.
Украсување ќе има и во Општина Бутел. Оттаму велат дека сè уште не се знае дали ќе биде помогнато тоа од општествено одговорни фирми, дали ќе бидат издвоени средства од буџетот на Општината или, пак, ќе се оди на тоа да се обезбедат средства половина од општествено одговорните фирми и половина од општинскиот буџет. Како и да е, велат дека ќе подготват новогодишна забава за најмалите, на просторот пред Општината.
Меѓу општините што немаат намера да трошат пари за новогодишни украси е и Општина Карпош.
– Иако во програмата за оваа година беше предвидено да бидат украсени плоштадот „Делфина“ во Влае и плоштадот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, на распишаниот тендер, чиј рок истече, не се јави ниту една заинтересирана фирма – нагласија од Општина Карпош.
Нема да има украсување ниту во Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека ќе има забавна програма и дека Советот на Општина Кисела Вода треба да донесе конкретна одлука за тоа.
Општина Битола, пак, објави јавен повик за избор на субјекти што ќе учествуваат во организацијата и во реализацијата на културните активности во пресрет на новогодишните празници и во збогатувањето на понудата на јавните содржини во Општина Битола по повод пречекот на новата 2025 година, насловени „Зимска приказна“. Настаните ќе се реализираат во периодот од 20.12.2024 до 6.1.2025 година.
Право да аплицираат на јавниот повик имаат сите домашни правни и физички лица што работат во областа на културата и на културниот туризам. Изборот на настани ќе го изврши Комисијата за селекција и евалуација формирана од градоначалникот, задржувајќи го правото да направи распоред на настаните. Комисијата има право, заради збогатување на програмата, да ангажира и дополнителни изведувачи надвор од јавниот повик.
И Општина Штип најавува новогодишна забава за сите возрасти. За првпат, од 20 до 27 декември, на шеталиштето на улицата „Ванчо Прќе”, Oпштина Штип ќе организира новогодишен базар „Christmas market“, со богата програма и со изненадувања.
На музичката агенда ќе бидат следниве изведувачи: Игор Димовски и Пауза за Ракија, Boca Conga & Bobi Sax, Миле Кузмановски, Горан Тонев, DJ Bazz, DJ Tasev, Марија Данева & Stand by band, Сара Мејс & Christmas Girls, Bouzuki Band, „Бекрии“, Duo Bright, Мартинијан Кириловски и уште многу други, кои ќе бидат задолжени да придонесат за добра забава и расположение на посетителите.
За новогодишната магија да биде уште побогата, во програмата е предвиден и пречек на Дедо Мраз, со бесплатни пакетчиња за најмалите, снешковци, жонглери, аниматори, театарски престави на отворено, наградни игри, подароци и уште многу други изненадувања.
И Општина Крива Паланка, по повод новогодишните и божиќните празници и празникот Богојавление – Водици, распиша јавен повик за изнајмување продажен штанд на претходно утврдени локации и поставени монтажно-демонтажни објекти. Барателите можат да изнајмат штанд за продажба на: греано вино, храна, печени костени, крофни, палачинки, кафе, топли напивки, новогодишни пакетчиња, новогодишни честитки, сувенири, ракотворби, детски играчки и фотографии. Поставените монтажно-демонтажни објекти ќе бидат со работно време од 10:00 до 22:00 часот, секој ден.
(А.П.)