Браната „Калиманци“ е со преполовен капацитет, неизвесни се вкупните површини што ќе се засеат со ориз во Кочанско.
Во неизвесност и очекување на поголем доток на вода во акумулацијата „Калиманци“ се и оризопроизводителите и вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани, пред почетокот на сеидбата на оризот.
Лошата хидролошка состојба во текот на зимскиот период негативно се одрази на полнењето на браната, а и покрај врнежите од дожд во текот на пролетта, количините со кои располага таа не се доволни за целосна реализација на планот за сеидба во споредба со минатата година.
– Во моментот, во „Калиманци“ има 58 милиони кубни метри вода, што значи дека во однос на нејзиниот максимален капацитет, недостигаат уште околу 47 милиони. Дотокот од реките што се влеваат во браната изнесува 12 метри кубни во секунда. За да може да се реализира планот за сеидба на оризот на минатогодишното ниво од околу 4.500 хектари, потребни се најмалку 90 милиони кубни метри. За почеток ќе се користат проточните води од реките, а до пуштањето на водата од акумулацијата има уште триесетина дена, што значи постои извесен оптимизам за исполнување на планот со минимални корекции. Целта е да се реализира сеидбата постепено и скалесто, но и да се обезбеди вода за целиот период на вегетација на оризот – истакна Горанчо Зашов, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.
Од водостопанското претпријатие потсетуваат дека од вкупно акумулираната вода во „Калиманци“, 52 отсто е за оризовите полиња во Кочанско, а остатокот за полињата во Штипскиот и во Светиниколскиот Регион.
– Ако калкулираме со сегашните околу 60 милиони кубни метри вода, според определените нормативи за наводнување, со ориз ќе можат да се засеат само 1.800 хектари, и тоа е чиста математика. Не е целта само да ги засееме нивите туку и да се обезбеди наводнување во текот на целиот период на вегетацијата. Поради врнежите од дожд во последните две недели, бавно оди и подготовката на земјоделските површини за претстојната сеидба, а, според проценките, тоа ќе значи доцнење од околу две недели – додава Зашов.
За почетокот на идната недела е закажана средба со министерот за земјоделство, на која ќе се разгледува состојбата со акумулираните количини вода и ќе се утврди конечниот план за сеидба. Неизвесно е дали и колкави површини во Кочанско нема да се посеат со ориз.