Евентуалната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин „во голема мера ќе зависи од тоа дали можеме да постигнеме некаков напредок во завршувањето на војната во Украина“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, пренесе денеска Ројтерс.
Рубио вчера изјави дека разговарал за таква средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вторникот во Саудиска Арабија, порачувајќи ѝ на руската страна дека „нема да има средба додека не дознаеме за што ќе биде средбата“.
„Мислам дека кога ќе се случи тој состанок многу ќе зависи од тоа дали можеме да постигнеме некаков напредок во завршувањето на војната во Украина“, рече Рубио на новинарката Кетрин Хериџ во интервјуто емитувано на платформата Х.
По разговорите во Саудиска Арабија, Трамп – кој разговараше со Путин по телефон минатата недела – во вторникот рече дека најверојатно ќе се сретне со Путин пред крајот на месецот.
Рубио рече: „Не знам кога“.
Тој рече дека Трамп сака да знае дали Русија е сериозна за ставање крај на војната во Украина, предизвикана од инвазијата на Москва пред три години, според Ројтерс.