Бразилскиот напаѓач, Неимар, е во преговори со три клуба од МЛС, пренесува ESPN. Она што во моментов е познато е дека еден од тие клубови не е Интер Мајами, па Неимар не треба повторно да се соедини со Лионел Меси и Луис Суарез, напаѓачите со кои во Барселона формираше смртоносно трио.
Заедно со двата неименувани клуба, ЕСПН открива дека претставниците на Неимар разговараат за негова можна преселба во Чикаго Фајр.
Репрезентативецот на Бразил има големи проблеми со повреди откако дојде во Ал Хилал. Клубот од Саудиска Арабија го доведе од францускиот гигант ПСЖ во август 2023 година во трансфер вреден 90 милиони евра и му даде плата од 150 милиони евра.
Поради повреди за клубот одигра само седум натпревари на кои постигна еден гол и запиша три асистенции. Ал Хилал ја освои шампионската титула и без неговата помош минатата сезона, бидејќи одигра само три натпревари.
Бразилецот е под договор до крајот на летото, што значи дека има право да преговара со други клубови, а челниците на Чикаго Фајр не ги коментираа гласините за негово можно доаѓање.
Неимар во кариерата настапуваше за Сантос, Барселона и ПСЖ пред да пристигне во Ал Хилал. Со шпанскиот клуб освои се што можеше со учинок од 105 гола и 76 асистенции на 186 одиграни натпревари. Успешен беше и во ПСЖ, но со него не стигна до титулата во Лигата на шампионите. За парискиот клуб одигра 173 натпревари, постигна 118 и асистираше за 77 голови.