Неидентификувани летала над важен стратешки објект во Германија, а војската не им може ништо! 

239

Беспилотните летала беа забележани шест пати над воена касарна во северна Германија во јануари. Тоа не беа „обични“ дронови, туку најверојатно шпионски дронови од некоја странска сила. Германците не можеа да ги спречат, пишува Дојче веле.

И весникот „Зидојче цајтунг“ претходно објави за неидентификувани беспилотни летала над касарната во Швезинг, недалеку од Северното Море и границата со Данска. Инцидентите ги потврди оперативната команда на Бундесверот во Берлин за агенцијата АФП.

Весникот го цитира доверливиот дневен извештај на касарната, според кој од 9 до 29 јануари биле забележани шест прелети. Тоа се модерни дронови кои обичните граѓани не можат да ги купат, наведува медиумот.

Работата е сложена бидејќи Швезинг е германската база за воздушна одбрана каде германските и украинските војници се обучуваат да управуваат со противвоздушниот систем „Патриот“. Таа база има и можност за онеспособување на дронови, но дури и ако тоа би било ефективно за комерцијалните беспилотни летала, во овој случај тоа немало ефект.

Според дневниот извештај, овие летала со запалени позициски светла лебделе со минути на своето место и следеле што се случува во касарната. Сето ова укажува дека не станува збор за обични авиони, туку за дронови од некоја странска сила испратени над касарната за шпионажа.

Проблемот за германскиот Бундесвер е што само во исклучителни случаи е овластен да користи вооружена сила, што значи дека всушност не им е дозволено да соборат такво летало.

Со оглед на тоа што претходно имало такви авиони над германските касарни и клучни инфраструктурни објекти во оваа земја – дури имало летови и над американската база во Рамштајн – оваа германска влада уште во јануари сакаше да го промени законот и да дозволи активни контрамерки, но тешко дека тоа ќе се смени за време на мандатот на оваа владејачка коалиција.

Така, Бундесверот можеше да ги предаде овие случаи само на цивилната, криминалистичка истражна канцеларија на покраината Шлезвиг Холштајн како прекршување на постојните прописи за воздушниот сообраќај, иако во извештајот од касарната беше наведено дека тие не беа во можност да го идентификуваат лицето кое управува со овие авиони.

Воената полиција и Воената контраразузнавачка служба (МАД) претпоставуваат дека леталото полетало и било контролирано од еден од бродовите во Северното или Балтичкото Море. Според информациите од германското Министерство за одбрана, дополнителни системи за лоцирање и попречување на леталата биле испратени во базата во Швезинген, но тие повеќе не се појавиле по крајот на јануари.

ИЗДВОЕНИ