По децении чекање, жителите на Неготино добија нов затворен пазар кој е изграден со средства од буџетот на општина Неготино во висина од 25.913.899 денари. Има метални тезги, но и обезбеден лесен и безбеден пристап до него. Тој ќе биде во функција 365 дена во годината.
– Заедно со премиерот Мицкоски и министерот Перински извршивме вовед во работите за реконструкција на тротоари на улицата „Маршал Тито“, на потегот од Либерта до Полициската станица. Вредноста на овој проект е 10.496.204 денари со вклучен ДДВ и истиот беше аплициран на јавниот повик од Министерството за локална самоуправа, за финансирање на општините. Со проектот е предвидено отстранување на стариот бетон и рабниците, тампонирање и монтажа на нови бекатон плочки и рабници и засадување на нови дрвја магнолии – објасни Стојанов.
Исто така, се изврши и вовед во работите за уредување на урбан блок 5, урбана заедница 5.1 за работи кои се однесуваат на изградба на комунална инфраструктура, уредување на целата населба и решавање на имотно правни односи. Вредноста на договорот е 35.370.500 денари од кои 25.256.509 денари се преку договор со Министерството за транспорт и кофинансирање на општина Неготино со 10.113.991 денари. Со проектот ќе се постави водоводна, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од улиците во овој урбан блок, нисконапонски развод и поставување улично осветлување и асфалтирање согласно проектот. Инаку, на терен веќе се изведени работите од првата фаза со средства од 15.930.000 денари – средства обезбедени од буџетот на општина Неготино.
Премиерот Христијан Мицкоски додаде дека вчера на владина седница поминал проектот за целосна реконструкција на улицата „29 Ноември“ во вредност од 36,5 милиони денари.
– Во таа реконструкција предвидена е атмосферска фекална канализација, потпорен ѕид и асфалт. Така ќе продолжиме да работиме и во иднина, Македонија мора да биде повторно ваша на граѓаните, Неготино мора повторно да биде на неготинци – заклучи Мицкоски.