Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, возврати дека само во Македонија кога функционер е фатен во криминал, организира протести за да го покрие сопствениот срам, откако градоначалникот на Општина Шуто Оризари ја обвини за нефункционирање на Град Скопје и нередовно подигање на комуналниот отпад од оваа општина.
Таа додаде дека таков е и случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој, како што нагласи, е доволно храбар ем да им наплаќа на сопствените сограѓани противправно „услуга“ за собирање на смет, истиот тој смет да го собира со општински возила и нелегално да го фрла на дива депонија формирана на приватен плац, кој е во негова сопственост.
– Срамота е во 21 век, во 2024 година вакви луѓе да зборуваат и да обвинуваат други за наводен расизам. Во време кога здравата животна средина е императив , да ги труеш своите сограѓани креирајќи диви депонии не е расизам туку екоцид врз сопствениот народ – потенцираа од Град Скопје.
Оттаму ги повикуваа надлежните органи, МВР и Јавното Обвинителство сериозно да ги разгледаат доказите кои се состојат од видео и фото материјали, записници, документации и изјави, а кои ќе бидат доставени од Градот Скопје.
-Следниот пат кога Дудуш ќе ги повика жителите на својата општина на протести, нека им објасни што всушност крие и дека Градот Скопје нема намера да ги чисти депониите кои тој лично ги прави – заклучија градските власти.
(А.П.)