Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат. За ова прашање што тангира многу работници кои работат во недела, Дурмиши вели дека има спротивставени страни во Економско-социјалниот совет за евентуална ревизија на тоа законско решение.

– Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи – изјави Дурмиши во интервју.

Како министер, тој посочува дека одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“.

– Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени – изјави Дурмиши.

Прашан дали е можно да се исполни барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 450 евра, Дурмиши вели дека синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.

– Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата. Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари – изјави Дурмиши.