Алжирската боксерка Имане Калиф (25) беше главна тема на минатогодишните Олимписки игри во Париз. Алжирската претставничка го освои златото во бокс, во категоријата до 66 килограми, откако во финалето со едногласна одлука на судиите ја совлада Кинеската Лиу Јанг, но го привлече вниманието на јавноста бидејќи беше обвинета дека е маж.

Олимпискиот комитет ѝ дозволи на Калиф да се натпреварува на женскиот турнир, иако и беше забрането да се натпреварува на Светското првенство во 2023 година од страна на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), заедно со Лин Ју-Тинг од Тајван, која има златен олимписки медал во перо категорија.

Ова е направено со образложение дека ДНК-тестовите докажале дека имаат XY хромозоми и вишок тестостерон. Поради ова, многумина ја обвинуваат дека всушност е маж. Но, бидејќи ИБА не го организираше олимпискиот боксерски натпревар во Париз, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) беше задоволен што и двете боксерки можеа да се натпреваруваат според помалку строгите правила за подобност по пол, кои беа на сила за Игрите во Токио во 2021 година.

Но, американскиот претседател Доналд Трамп, минатата недела потпиша извршна наредба за забрана на трансродовите жени да учествуваат во женски спортови во САД, а во говорот по потпишувањето на наредбата, тој ја нарече Калиф машки боксер. Калиф, пак во изјава за „ITV News“ кажа дека не била исплашена од неговата политика.

„Претседателот на САД донесе одлука во врска со политиката за трансродовите во неговата земја. Јас не сум трансродова. Тоа не ме загрижува и не ме заплашува“, рече Келиф, додавајќи: „Штом почнав да постигнувам успех, започнаа кампањи против мене. Родена сум како девојче, пораснав како девојка и цел живот живеам како едно. Се натпреварував на бројни турнири, вклучувајќи ги и Олимписките игри и други важни натпреварувања и ќе продолжам да се натпреварувам, кажа Алжирката.

 

ИЗДВОЕНИ