Бугарскиот амбасадор Радуков утре ќе биде повикан на разговор во МНР

70

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, е првиот што ќе треба да даде објаснување зошто македонското знаме не беше истакнато на средбата во Софија помеѓу македонската претстедателка Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот домаќин, бугарскиот колега Румен Радев. Од МНР за весникот ВЕЧЕР потврдија дека Радуков, чии акредитивни писма Сиљановска-Давкова ги прими минатата недела, утре ќе биде повикан на разговор во македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

-Во врска со најавата на Претседателката Силјановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, информираа од МНР на прашање на весникот ВЕЧЕР.

Од Кабинетот на претседателката, изминатиот викенд информираа дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме, иако, како што нагласуваат, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

– Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, велат од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.