Се собираат предлози од градоначалници, невладиниот сектор и експерти во процесот на измени на Законот за локална самоуправа со што се отвора можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во рамки на носење на одлуки на локално ниво.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, рече дека главното барање, кое беше иницирано од ЗЕЛС уште пред година и половина, е воведување механизам за отповикување на градоначалниците, чекор што ќе ја врати вистинската моќ во рацете на граѓаните. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински очекува новото законско решение да биде изготвено до крајот на летото, и практично да биде применлив за избраните градоначалници на претстојните локални избори

 

Во Скопје денеска се одржа четвртата и последна по ред дебата при што можеа да се слушнат предлози од градоначалници, невладиниот сектор и експерти во процесот на измени на Законот за локална самоуправа со што се отвора можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во рамки на носење на одлуки на локално ниво.

Претходно јавни дебати беа одржани во Битола, Штип и Гостивар при што министерот за локална самоуправа, Златко Перински им се заблагодари на сите во дебатите кои со своите предлози, идеи и сугестии дадоа значителен придонес за успешноста на процесот кој треба да резултира со унапредување на системот на локалната самоуправа во нашата земја.

– Подготвени сме да преминеме во следната фаза, односно во креирање на предлог измените на Законот за локална самоуправа и веднаш потоа, истите да ги доставиме до парламентот на дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии, за да влеземе во фазата на валидизација, односно на усвојување на предлог измените. Убеден сум дека преку еден ваков отворен, транспарентен и инклузивен начин ќе дојдеме до едно многу подобро законско решение од ова коешто сега го имаме – изјави Перински.

Тој очекува новото законско решение да биде изготвено до крајот на летото, и практично да биде применлив за избраните градоначалници на претстојните локални избори.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, рече дека главното барање, кое беше иницирано од ЗЕЛС уште пред година и половина, е воведување механизам за отповикување на градоначалниците, чекор што ќе ја врати вистинската моќ во рацете на граѓаните.

– Локалната власт мора да биде ефикасна, отчетна и вистински одговорна пред оние кои им го дале мандатот и довербата. Оваа законска промена е неопходна, бидејќи во моментов градоначалниците се единствените функционери во државата кои не можат да бидат отповикани, што е недозволиво во едно демократско општество. Можноста, повторно суверенот-граѓанинот да ја има моќта и да го разреши оној кој го гласа и го назначува, односно градоначалникот, кој патем е единствениот функционер во моментот во државата кој не може да биде отповикан – рече Ѓорѓиевски.

Проф. д-р Александар Спасеновски, кој е дел од експертската група вклучена во процесот на подготовка на законските измени, истакна дека важечкиот закон претставува важен системски закон, кој го положил тестот на времето.

– Главните измени и дополнувања се во насока на корекција на определени одредби, коишто се дел од актуелното законско решение, а кај коишто со текот на времето се појавиле одредени аномалии. Истовремено, детектираме и предвидуваме одредени норми кои не се дел од сегашното законско решение, а се покажало дека се потребни. Меѓу нив, и можноста за отповик на градоначалник, а во однос на комуналната полиција, со измените практично ќе создадеме база за во иднина законски да се регулира оваа материја – посочи Спасеновски.

И професорот Мемет Мемети кој е дел од експертската група истакна дека овој процес се води на инклузивен и транспарентен начин, со активно вклучување на сите релевантни чинители – академската заедница, експерти, претставници на локалните власти и граѓанското општество.

– Целта е да создадеме правна рамка која ќе овозможи поефикасно, подемократско и одговорно функционирање на локалната самоуправа, во согласност со најдобрите европски практики. Убеден сум дека со ваков пристап ќе дојдеме до решенија кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе придонесат кон посилни и поавтономни општини – изјави Мемети.

 

 

ИЗДВОЕНИ