Не сме деца, третирајте нè како возрасни

376
EPA-EFE/Andre Coelho

Возачите на Формула 1 го кренаа гласот против Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), кои побараа да бидат третирани како возрасни, откако Макс Верстапен и Шарл Леклер беа казнети за пцости.

Здружението на Гран-при возачи (ГПДА), исто така, го критикуваше претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулејем, за неговиот „тон и јазик“ кога зборуваше на оваа тема.

  • Постои разлика помеѓу пцостите наменети да се навредат другите и обичните пцости, како што можете да го користите за да го опишете лошото време, Ф1 болидот или ситуација на возење. Го повикуваме претседателот на ФИА да ги земе предвид сопствениот тон и јазик кога зборува за нашите возачи членови, без разлика дали е јавно или на друг начин.
  • Понатаму, нашите членови се возрасни. Не им требаат медиумите да ги поучуваат за такви тривијални работи како носење накит или долна облека, стои во отвореното писмо на ГПДА.

Отворено писмо на ГПДА доаѓа по интервјуто на Бен Сулејем за „Автоспорт“ пред Големата награда на Сингапур.

Сето тоа доаѓа откако возачот на Ред Бул и актуелен шампион, Макс Верстапен, доби наредба од стјуардите на ФИА во Сингапур да „одработи некоја работа од  јавен интерес“, откако употреби пцости за да го опише својот болид на прес-конференција.

Возачите беа згрозени од коментарите на Бен Сулејем, бидејќи секоја вулгарност употребена преку тимското радио ја цензурираат пред емитувањето и затоа што сметаат дека дозволувањето на јавноста да слуша преноси додава дополнителна димензија на спортот со откривање на карактерот на возачот во екстремни ситуации.

Луис Хамилтон го обвини Бен Сулејем дека користел „стереотипен“ јазик со „расен елемент“ во интервјуто.

Бен Сулејем рече дека Формула 1 мора „да направи разлика помеѓу нивниот спорт, мотоспорт и рап музиката“.

Возачот на Ферари, Шарл Леклер, минатиот викенд беше казнет на Големата награда на Сао Паоло, бидејќи употреби пцост на прес-конференцијата по трката на претходниот настан во Мексико за да опише како се чувствувал кога за малку ќе имал судир.

Акцентот на писмото на ГПДА околу „накит или долна облека“ се однесува на претходната контроверзност околу времето на Бен Сулејем како претседател, кога тој наметна правила за носење соодветна долна облека и им забрани на возачите да носат накит.

Во писмото, исто така, се изразува незадоволството на возачите што паричните казни се користат како казна од ФИА и се повикува на транспарентност во начинот на користење на средствата.

  • ГПДА во безброј наврати го изрази своето мислење дека казните за возачите не се соодветни за нашиот спорт. Во изминатите три години, го повикувавме претседателот на ФИА да сподели детали и стратегија за тоа како се доделуваат финансиските казни на ФИА и каде се трошат средствата. Ја пренесовме и нашата загриженост за негативната слика што му ја носат на спортот финансиските казни. Уште еднаш бараме од претседателот на ФИА да обезбеди финансиска транспарентност и директен, отворен дијалог со нас. Сите актери (ФИА, Ф1, тимовите и ГПДА) треба заедно да одредат како и дали парите се трошат за доброто на спортот, гласи писмото потпишано од директорот и претседателот на ГПДА во име на возачите на Гран при.

Колку е големо незадоволството на возачите покажува и податокот дека ова е нивна прва колективна јавна изјава од 2017 година, кога повикаа на реформи во процесот на одлучување во Формула 1 „за да се одржи спортот на здрави нозе“.