„Не си гивгиличанец ако немиш точак за на работа, пазар или кафич“, вака велат граѓаните на Гевгелија кои се лидери не само во југоистокот, туку и во Македонија,  кога е во прашање користење велосипед како превозно средство. Велат дека во Гевгелија сите возат точак оти е рамна ко тепсија.

Се претпоставува дека повеќе од 3.000 гевгеличани секојдневно возат велосипед за каква било намена, иако имаат само една обележана велосипедска патека низ градот. Ваквата слика е впечатлива во раните утрински часови, или пак, попладне кога учениците одат во училиште, другите извршуваат секојдневни обврски,  пазаруваат, плаќаат сметки, а работниците одат и се враќат од работа, што од текстилните и преработувачки фабрики, што од казината.

„Точакот е љубов, точакот е пријател, точакот е начин на живеење“, со овие зборови Никола Опров, претседателот на велосипедскиот клуб „Гевгелија точак клуб“ во неделата ги поздрави над 1.200 учесници на манифестацијата „Гевгелија на точак“. Убавото сончево време привлече голем број на граѓани кои ги имаше на возраст од 3 до 87 години кои зедоа учество на петтото издание на овој спортски настан. Се разбира  „Вечер“ не пропушти и овој пат да биде дел од настанот.

Организацијата и овој пат беше на Здруженијата на граѓани „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“, со, помош на  Општина Гевгелија и Здружението на пчелари „Апитоксин“.

Опров ја предводеше колоната на гевгеличани кои и овој пат покажаа со својата придружба дека секој може да вози велосипед, без разлика на возраста. По настанот тој за „Вечер“ изјави: – Гевгеличани и денес покажаа дека не е потребно да се има нов и модерен велосипед, туку љубов и желба  во секојдневниот живот, секој од нас да го употребува  велосипедот како превозно средство, а не автомобилите, кои  со штетните издувни гасови  ја загадуваат животната средина. На штафетното возење кое го нарековме „Гевгелија на Точак” учествуваа  мајки, и татковци  со мали деца, тинејџери и тинејџерки, повозрасни сограѓани и сограѓанки. Тоа е традиција кај нас. Нема семејство, а да нема минимум два до три велосипеди, и за децата и за возрасните. Овде и старо и младо вози велосипед – рече Опров.

Марина Томова, претседателка на  здружението „Changemakers4all“ не го криеше своето задоволство од одзивот на овогодинешната манифестација:

– И годинава  го организиравме настанот „Гевгелија на точак“ кој што има за цел да ја врати старата изумрена традиција на велосипедските трки во Гевгелија, која. била многу популарна во 60-те и 70-те години на минатиот век. Оваа манифестација за првпат ја организиравме во 2020 а има за цел да се упати порака до граѓаните повеќе да ги користат велосипедите отколку возилата и на тој начин да  придонесат за почиста и позелена Гевгелија – истакна Томова.

Новинарот на „Вечер“ успеа пред стартот на настанот да направи краток муабет со најмладиот и најстариот учесник на ревијалната велосипедска трка.

Највозрасниот учесник,  Димитар Дојранлиев, има 83 години и со гордост позираше со сликата направена во педесеттите години на 20 век.

– Се радувам што повторно во нашиот град се врати традицијата на велосипедски натпревари кои беа многу застапени  во минатото. Еве, на оваа слика која е од пред шеесеттина години се гледа стартот на една од таквите трки кои се организираа во Гевгелија, имаше многу и натпреварувачи и гледачи. На оваа слика јас сум првиот од лево – рече Дојранлиев.

Потоа не изненади кога се сврте и ни посочи едно девојче качено на својот мал точак и подготвено да стартува. „Ова е мојата пра,пра внука “ со насмевка ни кажа чичко Мите.

Дојдовме до девојчето кое ни кажа дека се вика Славица, има три години, и тука е дојдена да го вози својот мал велосипед, а во тоа ќе и помага нејзиниот дедо Коста Дојранлиев. Се разбира, поради возраста, Славица ги извозе првите 100 метри од патеката која беше во должина од 5 километри. 

Покрај ревијалното возење, следуваше потоа и натпреварувачкиот дел за децата, од шесто до деветто одделение во сите основни училишта на подрачјето на Општина Гевгелија. „Бавната трка“, во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, беше одржана на Градскиот плоштад, а за победникот  следуваше како награда убав  велосипед.

Се чини, најкреативни беа младите гевгеличани кои на хамер хартија цртаа и испишаа искрени пораки. ,,Возењето велосипед е половина здравје’’, ,,Возењето нека биде успех за сите’’,  ,,Сакај ја природата таа ќе ти врати’’,  беа само дел од пораките кои младите ги испишаа на крајот од дефилето од пет километри кое започна  кај старото собрание на градот на улицата Маршал Тито.

Радува фактот што гевгеличани го сакаат велосипедот. Имаше и понови и постари модели на велосипеди на оваа ревијална трка. Едноставно, гевгеличани не сакаат да ги фрлат старите или заменат за нови, навикнати се и приврзани за нив, па можеа да се видат велосипеди стари и педесет години. Значи, верно било дека точакот е љубов, дека точакот е пријател.

(Љ.А.)