Не секаде е симбол на заедништво, дарување и мир: Празнувањето на  Божиќ може да ве чини глава во пет земји од светот

418

Во многу делови од светот, Божиќ е симбол на заедништво, давање и мир, од друга страна, во некои земји строго се забранети јавни собири, јавни божиќни украсувања, божиќни манифестации или прослави на најрадосниот христијански празник, а поединци кои ќе ги прекршат овие закони може да се соочат со парични казни, пренесува Јуроњуз.

Сомалија

Владата во Сомалија со години спроведува забрана за прослави на Божиќ и Нова Година. Оваа забрана е на сила од 2009 година и е усогласена со спроведувањето на шеријатското право во земјата.

Една од главните причини е нивната загриженост за можни напади од исламистички групи. Според владин претставник од Министерството за верски прашања, прославите немаат врска со исламот, поради што се сметаат за непожелни.

Додека отворените божиќни прослави, како што се оние во хотели или јавни простори, се забранети за сите Сомалијци, странските државјани сè уште имаат право да го прослават празникот во своите домови.

Градоначалникот на главниот град Могадишу, Јусуф Хусеин Џимале, објасни дека овие ограничувања важат само за муслиманите, додека луѓето од другите вери можат слободно да го прослават Божиќ без никаков притисок.

Тој додаде дека целта на оваа мерка е да се спречат можни напади на милитантни групи на јавни собири, особено на Ал Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда.

Северна Кореја

Во Северна Кореја, под строгиот комунистички режим на Ким Џонг Ун, божиќните прослави се строго забранети. Повеќето жители се идентификуваат како агностици или атеисти, а верските активности се предмет на интензивен владин надзор.

Според извештајот на „Експрес“, јавните прослави на Божиќ во Северна Кореја се забранети од 1948 година, кога династијата Ким почнала да воведува ограничувања на верските слободи во земјата.

Иако уставот на Северна Кореја ја гарантира слободата на вероисповед, практиката покажува дека верската слобода во земјата речиси и да не постои. Луѓето фатени како учествуваат на божиќните богослужби или прослави ризикуваат сериозни последици, вклучително и затворање, тортура, па дури и егзекуција.

Брунеи

Малата земја од Југоисточна Азија со која владее султанот Хасанал Болкија забранува јавна прослава на Божиќ. Сепак, на жителите им е дозволено да го прослават празникот во приватност, под услов однапред да ги известат властите.

Забраната беше донесена во 2014 година, а беше создадена поради загриженоста на властите дека прекумерното славење на Божиќ може да го доведе во заблуда муслиманското население на Брунеи. Прекршувањето на законот може да доведе до тешки казни, вклучувајќи парична казна до 17.000 евра или затворска казна до пет години.

Иран

Во Иран со мнозинско муслиманско население, јавните божиќни прослави се забранети, како и активности како што се украсување елка, украсување домови со празнични украси или носење празнична облека.

Оние кои не ги почитуваат овие закони се соочуваат со парична казна или затвор. И покрај тоа, на христијаните во Иран им е дозволено да го слават Божиќ приватно во своите домови или цркви.

Таџикистан

Владата во Таџикистан спроведува забрана за јавни божиќни прослави за да ја одржи социјалната и верската стабилност. Ограничувањата вклучуваат забрана за новогодишни елки, украси и празнична облека на јавни места.

Исто така, лицата кои ги прекршуваат овие прописи може да се соочат со парична казна или затвор. И покрај забраната, исто како и во Иран, христијаните во Таџикистан сè уште можат да го слават Божиќ во своите домови или цркви.

ИЗДВОЕНИ