Лидерката на партијата Национален собир во францускиот парламент, Марин Ле Пен, е прогласена за виновна за проневера на средства на Европската унија. Нејзината политичка кариера е доведена во прашање, бидејќи судот и забрани да се кандидира за јавна функција во следните пет години.
Лидерката на француската екстремна десница е осудена на четири години затвор, од кои најмалку две ќе бидат условни, со електронски мониторинг. Таа е казнета и со 100.000 евра и забрана да се кандидира за јавна функција во следните пет години.
Судот донесе политичка одлука, а судијата направи грешка, рече Марин Ле Пен (56), претседателка на француската десничарска партија Национален митинг, во својата прва реакција откако во понеделник судот ја осуди на четири години затвор, со две години условно, за проневера и изрече петгодишна забрана за вршење јавна функција.
Во интервју за француската телевизија TF1, Ле Пен одговорила на прашањето зошто ја напуштила судницата пред да го сослуша судијата кој и изрекол пресуда.
– Не ми требаше повеќе. Сфатив што се случува. Судот се обиде намерно да ме спречи да се кандидирам во 2027, рече Ле Пен.
Според последните анкети таа имаше голема предност, а како што претходно најави ова требаше да и биде последна кандидатура откако три пати по ред беше неуспешна.
„Сега на милиони луѓе во Франција ќе им биде ускратена можноста да гласаат за фаворитот на следните избори“, рече Ле Пен.
Таа откри дека и покрај петгодишната забрана, „нема намера да се повлече од политиката“ и ќе ја продолжи жалбената постапка „најсилно колку што може“, бидејќи е цврсто убедена во нејзината невиност.
– Нема да се откажам. Не можам да дозволам вака да ме избркаат. Вечерва ви велам, не сум деморализирана, но сум како и вие скандализирана со одлуката. Се чувствувам огорчено. Но, таа огорченост, тоа чувство на неправда е дополнителен поттик за борбата што ја водам за гласачите. Милиони Французи веруваат во мене, за нив се борам 30 години.
На прашањето која би била нејзината потенцијална замена, а медиумите веќе го споменуваат 29-годишниот Џордан Бардел, таа одговори дека ќе се бори „додека не заврши“. Таа го опиша Бардел како „чудесна сила“ за нејзиното движење.