Со само три гласа „за“ и 64 „против“ не помина интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити од коалицијата Вреди (ВЛЕН).
За да биде прифатена интерпелација во Собранието, „за“ треба да гласаат најмалку 61 пратеник.
Иницијативата за разрешување ја покрена опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ, но не доби поддршка од останатите парламентарни групи.
Најголемата опозициска партија СДСМ соопшти дека нема да ги поддржи интерпелациите и ја напушти денешната собраниска седница бидејќи смета дека „нема потреба од нови поделби по етничка основа“. Поддршка не даде ниту пратеничката група на Левица, како и партиите од владејачката коалиција – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.
Меџити од собраниската говорница во интерпелацијата препозна „срамен обид на ДУИ да се врати на власт“. Тој порача дека оваа партија треба да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.
„ДУИ е во длабока криза, поделена, секој ден со агресивност сака да предизвика национални тензии. Албанците ве тргнаа од власт зашто сте барале од нив парцели да отворате казина и да се збогатите. Никој не ве почитува, ниту ви верува. Конфликтниот јазик со кој секојдневно ги труете граѓаните е доказ за вашиот клиентелизам, корупцијата ви е стандард, ги згаснавте независните медиуми и ги заменивте со партиски. Сакате да верувате во вашата лага дека вечно ќе останете на власт“, рече Меџити.
Интерпелацијата за него од собраниската седница ја образложи пратеникот и координатор на пратеничката група Блерим Беџети кој како клучна причина го наведе случајот од 28 ноември кога се одбележуваше Денот на албанското знаме кога беше сквернавено и македонското знаме. Беџети ги спомна и Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората, како и Законот за јазиците, обвинувајќи го Меџити дека не сторил ништо за ниту едно од овие прашања, иако е на висока позиција во власта.
Во интерпелацијата што ја поднесоа пратениците од ДУИ и останатите партии од Европскиот фронт е наведено и дека Меџити потфрлил во справувањето со меѓуетничките тензии.
„Меџити, како прв заменик-претседател Албанец на Владата и претставник на албанскиот народ во Владата, е одговорен за управување со ситуациите кои се случуваат во земјата, вклучувајќи ги и меѓуетничките односи. Наместо да делува како гарант за мирот и меѓуетничката интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на општествената хармонија. Напротив, тој толерираше дискриминација и молчеше за повторените неправди кон оваа заедница“, пишува во интерпелацијата поднесена од ДУИ.
Меѓуетничките тензии и настаните од Денот на албанското знаме, преовладуваат и во наративот за интерпелациите што Европскиот фронт ги поднесе и за вицепремиерот Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.
Сите се на дневен ред на денешната седница во Собранието. По интерпелацијата за Меџити, започна дискусијата за таа за Стоилковиќ. За сите се дискутира и гласа одделно. Гласањето треба да заврши најдоцна до полноќ.
Меѓутоа, исто како и за Меџити, очекувањата и за останатите се дека нема да добијат поддршка од мнозинството пратеници во Собранието.
Претходно, како прва точка на дневен ред на денешната седница беше интерпелација за пратеничката Илире Даути од Европскиот фронт која беше поднесена од Левица бидејќи како претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади одбива да закаже седница за Законот за бранители.
Оваа интерпелација беше изгласана со 61 глас „за“ и 22 „против“. Покрај Левица, поддршка дадоа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.