Овчарите се револтирани од ниските откупни цени на јагнето. Јагнето се откупува за 240 денари килограм жива мера, која не е економски оправдана и не може да ги покрие производствените трошоци. Овчарите велат дека јагнето не треба да се откупува под 300 денари за килограм со оглед на тоа дека во месарниците јагнешкото се продава по цена од околу 500 денари за килограм. Тие се жалат дека откупувачите ги уценуваат и не сакаат да им ги откупуваат јагнињата. Велат дека државата мора да најде решение за проблемот, ако сака да се зголеми сточниот фонд и количествата на јагне за извоз кое е многу барано на странските пазари.
-Цената на јагнето многу падна. Пред Нова година се продаваше за 290-300 денари килограм жива мера, а сега е 240 денари. Освен тоа кланиците не сакаат да ни го откупуваат. Ние имаме неколку грла за продавање, им се јавуваме на трговците, а тие не условуваат и ни ја спуштаат цената. Во државата има пет откупувачи кои меѓу себе се договараат и ја спуштаат цената. Поради нивниот мал број се прашуваме зошто државата не се договори со нив во однос на цената и количествата кои ќе бидат откупени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Вангелина Пармачка, одгледувач на овци и член на Националната федерација на фармери.
Таа вели дека трговците ја диктираат цената и поради нив овчарите не можат да се покријат економски и мораат да ги намалуваат стадата.
-Не може јагнето да се откупува по 240 денари за килограм жива мера, кога се зголемија трошоците за одгледување, цената на храната на работната рака, на струјата… Поради тоа апелираме до државата ако сака да ги зголемиме стадата да помогне да се решат овие проблеми со откупувачите, вели Пармачка.
Овчарите велат дека јагнешкото во месарниците се продава по 500 денари за килограм, а јагнињата се откупуваат по дупло пониска цена. Поради тоа прашуваат каде оди ќарот?
Никола Георгиев, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци смета дека откупната цена ќе се качи за време на шпицот на откупот, односно пред празниците Бајрам и Велигден.
-Моменталната откупна цена од 240 денари за килограм жива мера е многу ниска. Рентабилна цена за нас би била 300 денари за килограм која очекувам дека ќе се постигне за време на шпицот на откупот од 10 до 15 април. Оние што сега ги даваат јагнињата по оваа цена се оштетени, вели Георгиев за ВЕЧЕР.
Тој додава дека веќе 45 дена нема откуп, односно откупот е минимален во однос на понудените количества.
Сточарите се револтирани велат дека кланичарите ги уценуваат да го дадат јагнето за 240 денари кило. Ако лани јагнето се продаваше за 300 денари килограм жива мера, годинава таа цена е падната за една третина, а револтот е дотолку поголем, бидејќи поскапува сè, само откупот на јагнето во кланиците поевтинува, велат сточарите.
Тие велат дека министерот за земјоделство Цветан Трипуновски остварил средба со нив, но не понудил решение. За нив е несфатливо и тоа што по 4 години ќе бидат исплатени платите за овчарите. Велат дека со вакви задоцнети мерки не се зголемува добитокот во државата.
Овчарите се пожалија дека немаат заштитна цена на јагнето, која како што беше најавено од Сојузот на одгледувачи на овци ќе се дефинира по завршување на откупот.
(А.С.)