Не може барањата за помилувањата да чекаат и по две години и да не се знаат критериумите

ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ ЗАКОН ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА КАЗНИТЕ НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА

20
Постојното законско решение е старо веќе 33 години и предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување. На средбата кај претседателката на државата е побарано да се прецизираат критериумите за намалувањето на казните, да се прецизираат роковите за изјаснувањето на надлежните институции…

 

Да се знаат и во законот да се наведат критериумите за помилување на затворениците, да се забрзаат роковите во кои ќе се решаваат барањата за нечие помилување, во предлозите кои ќе се доставуваат до шефот на државата да има јасен став на министерот за правда дали барањето се прифаќа или не… Ова беа само дел од размислувањата на актуелните и поранешните членови на Комисијата за помилување одржана кај претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Средбата беше во функција на донесувањето на новиот закон за помилување со кој треба да се надминат недостатоците на постојниот Закон за помилување кој датира уште од 1993 година.

-Неопределен е ставот на правниците дека постојниот закон предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување и дека има потреба од нов закон. Мнозина од поранешните членови на комисиите за помилување го критикуваа рестриктивниот пристап на помилување. Во таа насока, беше предложено зголемување на опфатот на помилување, како по однос на бројот на помилуваните, така и во поглед на времетраењето – беше наведено во соопштението од претседателскиот Кабинет.

Дел од учесниците на средбата за ВЕЧЕР изјавија дека има многу проблеми кои веќе треба да се надминат бидејќи состојбите во изминативе 32 години се сменети. На пример, тогаш немало а сега постои доживотна казна затвор, сега нема јасни критериуми за помилување.

-Во 2009 година направивме измени во Законот за помилување и внесовме конкретни критериуми врзани за поранешниот живот на осуденикот, социјални и здравствени критериуми, материјална положба… Но, потоа, уставниот суд ги укина со надгласување па сега критериуми нема, а треба да има и да бидат наведени. Апсурдно е и постоењето на одредбата дека еднаш даденото помилување подоцна да може да се преиспита – вели екс-министерот за правда, Михајло Маневски.

Тој додава дека до претседателот на државата и до неговата Комисија за помилување треба да дојде предмет во кој ќе биде јасно назначено дали некој се предлага за помилување и во колкав временски период.

-Досега, не сите министри за правда доставуваа предмети со предлози за помилување со јасен став. Наместо тоа некои доставуваат само целосна документација по која конечен став треба да даде Комисијата за помилување на претседателот. На таков начин ќе се олесни работата на Комисијата и на шефот на државата кои ќе добијат готов предлог – наведува Маневски.

На ова имаше и предупредувања дека тоа може да значи давање на преголеми ингеренции на министерот за правда да решава дали некого ќе го предложи или не да биде помилуван од страна на шефот на државата. Истовремено, се бара и побрзо решавање на барањата и да не се упатуваат постојано исти предлози за одредени осуденици. Односно, надлежните институции – затворите, Судот, Обвинителството, Управата за санкции, Министерство за правда… – брзо да се изјаснуваат околу предлозите за помилување.

-Апсурдно е тоа што ни се случува да човек кој отслужува шестмесечна затворска казна и поднел барање за помилување да добие одговор по две години, кога веќе тој излегол на слобода уште пред една година. Треба да има јасни и побрзи рокови за изјаснувањето на институциите за да секој добие одговор уште кога е во затворот – ни рече еден поранешен член на Комисијата за помилување.

Имало и размислувања во новиот закон да се наведе за какви се кривични дела да не може да се бара помилување, како, на пример, за педофилија, за масовни убиства… Но, на тоа е реплицирано дека таквото решение ќе дојде во судир со европското право кое овозможува барања од најразлични сторители, дури и масовни убијци. Било спомнато и тоа дека при одлуките за помилување треба да се води сметка и за лошите услови во затворите, посебно во КПУ „Идризово“, кој се сметал за највалкан и најлош затвор во регионот па и во европски рамки.

Еден од учесниците во средбата за ВЕЧЕР наведе дека треба и да се расчисти со тоа дали некој затвореник е навистина „ресоцијализиран“ како што тоа пишува во предлозите за помилување.

-Во КПУ „Идризово“ ресоцијализација, односно, работно ангажирање, е можно само во кујната, само за неколку лица. Другите нема каде да работат и да се мешаат со луѓето преку работа. Има една нелогичност и апсурдно правило со кое на затвореник може да му се овозможи работа надвор, но фирмата која го ангажира на затворот треба да му плаќа месечно по 25.000 евра. Кој затвореник и која фирма може да се го дозволи тоа. Практично, може да излегуваат и да работат надвор само оние затвореници кои имаат свои фирми и бизниси. Другите не – вели овој член.
(Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ