Од „Шанса за Центар“ велат дека нивните колеги советници побарале да се повлече предлогот за да се разгледа уште еднаш на комисиска седница и за да се утврди дали се надлежни општинските власти за негово реализирање.

– Општина Центар во 2015 година воведе зона на смирен сообраќај во Дебар Маало. Но, во меѓувреме, Општината ја загубила институционалната меморија и заборавила како спровела и дали воопшто е надлежна да воведува зони на смирен сообраќај на улиците под нејзина надлежност. Целата дискусија на последната седница се движеше околу убедувањата за надлежност на Општината или, пак, на МВР и дали е нашиот предлог за зони на смирен сообраќај во Центар соодветно и до запирка точно срочен – реагираат од „Шанса за Центар“

 

Предлогот на советниците од „Шанса за Центар“ за воведување зони на смирен сообраќај во повеќе градски квартови во Општината не е прифатен на дневниот ред на последната седница на Советот на Општина Центар.

Од „Шанса за Центар“ велат дека нивните колеги советници побарале да се повлече предлогот за да се разгледа уште еднаш на комисиска седница и за да се утврди дали се надлежни општинските власти за негово реализирање.

– Општина Центар во 2015 година воведе зона на смирен сообраќај во Дебар Маало. Но, во меѓувреме, Општината ја загубила институционалната меморија и заборавила како спровела и дали воопшто е надлежна да воведува зони на смирен сообраќај на улиците под нејзина надлежност. Целата дискусија на последната седница се движеше околу убедувањата за надлежност на Општината или, пак, на МВР и дали е нашиот предлог за зони на смирен сообраќај во Центар соодветно и до запирка точно срочен – реагираат од „Шанса за Центар“.

Тие додаваат дека бил доставен предлогот седум дена пред седницата, но стручните служби не стигнале да утврдат надлежност, ниту да ги најдат примерите во архивата од 2015 година, кога, несомнено, била надлежна Општината.

Инаку, предлогот на „Шанса за Центар“ е во зоните на смирен сообраќај, брзините на возење да бидат ограничени на 30 километри на час. Станува збор за зоните: градски кварт Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара; градски кварт Крњево; градски кварт Маџир Маало; градски кварт Клинички центар и Геолошки завод; градски кварт Пролет; градски кварт Мирче Мацан; градски кварт амбуланта „Пролет“; градски кварт Судска палата; градски кварт Буњаковец; градски кварт Парк 1 и дел од Дебар Маало 2; градски кварт Ново Маало; градски кварт Тасино Чешмиче.

Според образложението на оваа предлог-одлука, воспоставувањето зони на смирен сообраќај има цел да се обезбеди локалните улици во Општина Центар да станат побезбедни, помалку бучни и да се придонесе за подобар квалитет на животот во сите градски квартови.

– Одлуката ја предлагаме како продолжение на примерот на постојната зона на смирен сообраќај во Дебар Маало. Проширувањето во другите градски квартови, освен што ќе овозможи ограничување на брзината на возење на 30 километри на час, ќе овозможи и поставување инфраструктурни елементи за смирување на сообраќајот, како издигнатини, вибрациски ленти, огради и подобрена патна сигнализација. Со ова, ќе се придонесе кон општото зголемување на безбедноста во сообраќајот, но најмногу кон подобрување на безбедноста на најранливите групи, пешаците, меѓу кои особено движењето на децата, постарите лица, лицата со тешкотии во движењето и другите немоторизирани учесници во сообраќајот – пишува во образложението за предлог-одлуката.

Во однос на спроведувањето на ваквата предлог-одлука, од Општина Центар претходно одговорија дека е потребно прво да се добие согласност од МВР за утврдување на зоните на смирен сообраќај и потоа да бидат реализирани тие.

– Во моментот на добивање на согласноста за реализација на овие проекти, Општина Центар ќе започне и со нивно спроведување. Со оглед на тоа што, на централно ниво, веќе се преземени чекори и се предвидени заклучоци за реализација на зголемувањето на безбедноста во Општина Центар, локалната самоуправа, како еден од иницијаторите, активно учествува и ги презема сите активности за реализација на тоа – децидни се општинските власти.

Зоната 30 во Дебар Маало беше воведена во 2015 година, во времето кога Андреј Жерновски беше градоначалник на Општина Центар. Ограничувањето на брзината на движење на возилата го опфаќа делот на Општина Центар ограничен со булеварот „Партизански одреди“, улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ