Легендарниот НБА кошаркар, Двејн Вејд, некогаш еден од најдобрите дефанзивци во светот, откри шокантни детали за неговата здравствена состојба. Тој првпат јавно проговори за тешката операција што ја имал во декември 2023 година, кога лекарите му извадиле речиси половина од бубрегот.
Имал болки во стомакот, грчеви и отежнато мокрење, па решил да оди на лекар за рутински преглед. Тој бил мотивиран од борбата што еднаш ја водел неговиот татко против ужасната болест, ракот на простатата. За време на прегледот, лекарите откриле тумор, кој бил отстранет на 18 декември 2023 година, а подоцна се покажал дека е канцероген.
- Моето патување до таа операција, мислам дека тоа беше првпат моето семејство, татко ми и моите деца да ме видат толку слаб, проговори Вејд во својот поткаст, додавајќи: „Тој момент беше веројатно најслабата точка, во која некогаш сум ја почувствувал во животот. Она што го видов додека поминував низ мојата болест, го видов моето семејство кое можеби не секогаш зборува, можеби не секогаш се согласува. Видов дека сите беа со мене во овој процес. Во мојата слабост најдов сила во моето семејство“.
Двејн Вејд е роден во Чикаго во 1982 година, а беше избран како петти пик на познатиот драфт во 2003 година. Тој беше земен од Мајами, за кого играше во првите 13 години од неговата професионална кариера, го носеше дресот на Кливленд и на крајот се врати во тимот од Флорида за да ја заврши кариерата. Тој беше трикратен НБА шампион, еднаш МВП на финалето, 13 пати Ол-стар и еднаш МВП на тој натпревар.
Со репрезентацијата на САД освои злато на Олимпијадата во Пекинг и бронза на Олимпијадата во Атина, а има и бронза од СП 2006 година.