Продолжуваат гласините дека НБА може да формира посебна лига во Европа. Првиот човек на ФИБА, Андреас Заглис, неодамна истакна дека постојат желби на најсилната лига во светот да создаде нешто слично на територијата на стариот континент.

Како што пренесува шпански „Релево“, НБА веќе стапила во контакт со најсилните тимови во Евролигата, а тоа се Панатинаикос, Реал Мадрид и Фенербахче за да го дознаат нивниот став околу новиот проект. Се чини дека НБА и ФИБА напредуваа во претходните месеци, бидејќи беше најавено дека новата лига во Европа може да започне уште во сезоната 2026/27.

Приказната за новата лига почна, меѓу другото, кога тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман се пошегува дека неговиот тим, актуелниот шампион е тим од светска класа и може да ги победи и НБА тимовите.

Шпанците најавуваат и дека „мета“ на новата лига се земји како Англија, Франција, Шпанија и Германија. Поради сето ова, се очекува главните преговори да се водат на европско тло, а како прво место за средба е најавен Париз, односно на крајот на јануари кога во градот ќе се сретнат Индијана и Сан Антонио, меч во рамки на НБА лигата.